Повеќе од 240 мигранти имаат корона во новиот камп во Грција

од Vladimir Zorba

Повеќе од 240 баратели на азил кои престојуваат во привремена населба со шатори, која беше поставена набрзина на грчкиот остров Лезбос минатата недела по пожарот во засолништето во Морија, се заразени со коронавирус, објави денеска јавниот здравствен институт Еоди.

243 новозаразени лица се пронајдени меѓу 7.000 лица кои биле тестирани таму, се вели во изјавата на Еоди. Резултатите од тестот на 120 полицајци и 40 вработени во кампот беа негативни.

Повеќето од 12.700 лица кои останаа без покрив над главата се во кампот

Во шаторите во новиот комплекс, за кои некои велат дека немаат кревети и основни санитарни услови, сега се сместени повеќето од 12.700 баратели на азил, кои останаа без покрив над главата по пожарот на 8 септември, кој го зафати кампот Морија, на неколку милји од новиот.

Откако избегаа од кампот поради пожарот, мигрантите поминаа неколку дена надвор, покрај патот, во напуштени згради, полиња, па дури и на гробишта. Се сомнева дека пожарот го подметнале шестмина млади баратели на азил од Авганистан.

Карантин за ковид-19 беше воведен во камповите за мигранти и бегалци во Грција во средината на март, а остатокот од земјата се врати во нормала на почетокот на мај.

Тројца малолетни мигранти се уапсени по пожарот што избувна вчера во друг логор во Грција, на островот Самос. Грчкиот министер за миграција Нотис Митараки денеска во парламентот рече дека одговорните за пожарот „ќе ја отслужат казната во Грција, а потоа ќе бидат протерани“.

Тој исто така најави изградба на нов, „модерен и безбеден“ камп на Лезбос.

Слични содржини