Повеќе опоравени отколку новозаразени, експертите укажуваат на опасноста која постои во старечките домови

од Stefanija Kuzmanovska

Позитивните вести од Австрија продолжуваат и денес. Четврти ден по ред има повеќе опоравени од коронавирус отколку новозаразени, пренесува „Вечерњи.хр“.

Според податоците на Министерството за социјална заштита, здравје и медицинска нега објавени во 10 часот, во последните 24 часа се опоравиле 466 пациенти со коронавирус, а пријавени се 343 нови случаи. Вкупниот број на заболени пациенти се зголеми за 2,56 проценти и изнесува 12.675.

Болнички се лечат 1.096 пациенти, а 267 се на интензивна нега, што е значително зголемување во однос на средата. Бројот на починати продолжува да се зголемува и забележани се 273 смртни случаи.

Медиумите наведуваат дека 75 отсто од илјадниците Австријци анкетирани на Интернет сметаат дека австриската влада во оваа кризна ситуација „одлично ја работи својата работа“.

Некои австриски епидемиолози и други експерти предупредуваат дека не смее да се потцени опасноста во старечките домови, каде има ризично население за ширење на коронавирусот и дека состојбата на лицата кои престојуваат во тие домови и на персоналот треба постојано да се следи. И, генерално, не е препорачливо народот да се опушти пред и после Велигден!

Слични содржини