Поволна клима за слободата на медиумите и потпросечни плати за новинарите, оценува ЕК во својот извештај

од Nikola Popovski

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Северна Македонија во делот на слободата на изразувањето и работењето на медиумите, нотира дека има поволна клима за слободата на медиумите и овозможено е критичко медиумско известување, иако беа забележани одредени тензии за време на минатогодишните локални избори.

Според ЕК, приходите на повеќето медиумски работници се пониски од просечната плата во државата. Често пати се занемаруваат и работничките права, како што е правото на годишен одмор, плаќање на прекувремени часови, ноќни смени или други законски додатоци.

Иако случаите на физичко и вербално насилство кон новинарите се намалени, ЕК забележува дека онлајн вознемирувањето и вербалните напади кон новинари, особено на социјалните медиуми, продолжуваат да растат. Нагласува и дека старите случаи на физички напади врз новинар останаа нерешени.

Властите, според препораките на ЕК, треба да ги зголемат нивните напори за реформирање на јавниот радиодифузен сервис, да ја обезбедат неговата независност, професионалните стандарди и финансиската одржливост. Забележано е дека реформскиот процес на јавниот радиодифузен сервис, во рамки на петгодишната развојна стратегија, е ограничен поради одложувањето на назначување на членови на неговиот Програмски совет, а забелешка е и непополнувањето на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

АВМУ, нотира ЕК, продолжува да биде проактивна во промоција на медиумската писменост, родовата еднаквост во медиумските програми, како и во осудата на притисокот и заканите врз новинарите и медиумите.

Слични содржини