Повторно ќе се гласа: Радев ги распиша петтите парламентарни избори за две години

од Nikola Popovski

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска го распушти парламентот и распиша вонредни избори, петти парламентарни во последните две години.

Радев ги распиша изборите за 2 април, со надеж дека гласањето ќе придонесе за крај на долгорочната политичка блокада и економските проблеми во најсиромашната членка на Европската унија.

Тој, исто така, го продолжи мандатот на привремената влада, предводена од 55-годишниот независен политичар Галаб Донев, додека новиот парламент не ја избере легитимна влада во полн капацитет.

Радев ги распиша изборите откако ниту една од трите најголеми политички групи во високо фрагментираниот парламент не успеа да формира коалициска влада по предвремените избори во октомври минатата година.

Коалицијата на десниот центар околу партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов освои најмногу гласови на изборите во октомври, но таа доби само 67 од 240 пратеници. Другите партии веќе подолго време ја отфрлаат можноста за соработка со Борисов, бидејќи тој е поврзан со корупција за време на неговото десетгодишно владеење (2009-2013, 2014-2021).

Ниту либералната, реформистичка партија Продолжуваме со промените на Кирил Петков, исто така поранешен премиер, ниту Бугарската социјалистичка партија, петта најсилна во државата, на која Радев ѝ го даде мандатот по неуспехот на двете најсилни опции, не успеа да обезбеди мнозинство.

Тековната политичка криза најверојатно ќе го спречи претстојниот влез на Бугарија во еврозоната и Шенген зоната, како и користењето на милијарди евра од фондовите на ЕУ за опоравување.

Аналитичарите наведуваат дека последиците од војната во Украина, инфлацијата и растечкиот јаз меѓу проруските и проевропските партии може да доведат до зајакнување на бугарските националистички партии.

Политичката криза во Бугарија трае од 2020 година, кога земјата беше потресена од демонстрации против владата на Бојко Борисов, каде илјадници бараа елиминација на корупцијата и ефективна реформа на судството.

Од април 2021 година, кога се одржаа последните редовни парламентарни избори, формирањето на стабилна влада е спречено поради острата поларизација меѓу партиите и нивната недоволна сила.

Оттогаш Радев назначи неколку преодни влади, а единствената во полн капацитет, предводена од Петков, беше формирана по вонредните избори во ноември 2021 година, но нестабилната четиричлена коалиција се распадна по само шест месеци, во јуни минатата година.

Слични содржини