Пожарите ставени под контрола

од Vladimir Zorba

Пожарите кои избувнаа во земјава последниве два дена се ставени под контрола, заклучи синоќа Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи на седница на која беше разгледана подготвеноста за справување со огнените стихии.

– Пожарите коишто беа активни во Општина Берово, како и другите пожари низ државата се ставени под контрола. МВР, заедно со ЦУК, АРМ, ДЗС се во постојано 24-часовно дежурство и надгледување на пожарите, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој претседаваше со седницата на Комитетот.

На седницата се разговарало за мерките на претпазливост за спречување на пожари поради интензивната температура на воздухот што започна во нашата држава и е заклучено екипите да продолжат да работат во координација за гаснење на пожарот во Општина Берово.

Пожарот на територијата на Општина Берово, на границата меѓу селата Митрашинци и Будинарци до вчера до вечерните часови се уште беше активен, но беше спречено негово ширење.

Владо Клинчарски од ЈП „Македонски шуми – Малешево” – Берово за МИА изјави дека останува уште еден дел зафатен со пожарот да се исконтролира, поради проблеми со посилен ветер и високите температури.

– Ветрот прави проблеми со ставање под целосна контрола на огнените јазици. Состојбата се менува од час во час, изјави Клинчарски.

Според него, во справувањето со пожарот и денеска ќе имаат поддршка од воздух од полициски хеликоптер, а додека ЕР ТРАКТОРОТ ќе биде активиран по потреба.

Во гаснењето на пожарот, кој зафати околу 50 хектари високо стеблеста букова и дабова шума, учествуваа околу 100 пожарникари од Берово, но и од Виница, Кочани, Радовиш, Струмица и од други градови, како и специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, на Центарот за управување со кризи, полиција, гранична полиција и вработени во „Македонски шуми”.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов информира дека поголем дел од високите дрвја од буковите и дабовите дрва преживуваат и не се оштетени. Според него, најголем проблемот е тоа што на некои места огнот се распалува и потоа повторно доаѓа до негово ширење, а високите температури прават дополнителни проблеми.

По појавата на пожар на овој предел, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) го активира авионот ЕР ТРАКТОР за гасење на шумски пожар, но тој беше повлечен по 12 часот кога поради драстичното покачување на температурите.

Претходно, вчера рано утрината, со дејство започна и еден полициски хеликоптер, при што се успеало во раните утрински часови да се совлада првиот огнен удар и да се воспостави делумна контрола.

На терен излегоа ДЗС со 30 луѓе и со четири возила, ТППЕ-Берово – шест луѓе и две возила, ТППЕ-Делчево – четири луѓе со едно возило. Доброволно ПП Д Кочани со пет луѓе и со едно возило, ШС Малешево од Берово со 22 луѓе со три возила, ШС Равна река од Пехчево со осум луѓе и две возила, ШС од Радовиш со пет луѓе и едно возило, ШС Виница со пет луѓе и едно возило, ЈПКР Услуга со 10 луѓе и две возила и од населението – 15 луѓе.

Според Ѓорге Илиев. кој со тим од подружницата на ДЗС во Гевгелија учествува во гасењето на пожарот, пак, проблем за целосно локализирање на пожарот е тоа што истиот гори во енклави. Стари суви трупци, рече тој вчера, го отежнуваат целосното локализирање на пожарот во Малешевијата.

Пожарот се појави во текот на попладневните часови завчера, а се разгори во доцните попладневни часови.

Ангелов вчера потенцира дека штетата од овој пожар од ниту еден аспект не може да се спореди со штетата од минатогодишниот пожар и испрати апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни.

За пожарот кој се појави помеѓу делчевските села Разловци и Тработивиште вчера од Општината, повикувајќи се на информации од РЦУК, информираа дека истиот е изгаснат, односно дека екипи на Шумско Стопанство „Голак” Делчево вршат обиколка на опожареното подрачје, со цел спречување негово повторно избувнување.

Проценките на Регионалниот центар за управување со кризи се дека е зафатена површина од 40 хектари претежно сува трева, дабова и борова шума, а од Општината најавија дека дополнително ќе се изврши проценка на опожареното подрачје.

Во акцијата за гасење на пожарот вклучени биле над 30 лица, меѓу кои месно население, вработени во ТППЕ Делчево и Шумското стопанство „Голак”, еден пожарникар од Доброволното противпожарно друштво, полициски службеници како и припадници на граничната полиција „Исток”.

Во делчевската општина вчера во попладневните часови избувна пожар кај селото Очипала.

Пожар имаше и на падините на Плачковица, во атарот на виничкото село Блатец, но по интервенција на пожарникарите од Територијалните противпожарни единици од Кочани и Виница тој беше изгаснат во доцните попладневни часови.

Огнот зафати дел од дабовата шума и нискостеблести растенија на околу 15 хектари, а пожарникарите навреме спречија да се прошири кон овоштарници и помошни објекти во близина. Како превентива од повторно разгорување на пожарот, во текот на вечерта и ноќните часови на терен дежураше екипа од пожарникари со едно интервентно возило.

Лани од почетокот на август територијата на државата ја зафатија околу 106 пожари од кои најлош беше оној во Малешевијата кај Берово, Пехчево и Делчево. Критично беше и во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје. На терен заедно со нашите, интервенираа и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија, Романија, Црна Гора и Франција.

Во државата уште на почетокот на август поради пожарите беше прогласена кризна состојба. Тогаш, според надлежните, дел од пожарите беа подметнати или предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа повикуваа на посериозна одговорност.

Слични содржини