Ким Кардашијан Вест и голем број други американски познати личности најавија дека ќе ги „замрзнат“ своите активности на социјалните мрежи, со што ќе се обидат да предупредат на негативните последици од „ширење омраза и дезинформации“.
– Неточните информации споделени на социјалните мрежи сериозно влијаат на претстојните избори и ја поткопуваат нашата демократија и имаат сериозно влијание врз општеството, рече Ким Кардашијан, која се приклучи на движењето како дел од кампањата #StopHateforProfit, иницирана од активисти за човекови права во Америка.
„Не можам да стојам настрана и да молчам додека различни платформи дозволуваат говор на омраза и дезинформации да продолжат да се шират на нив“, напиша ријалити ѕвездата. Со 188 милиони следбеници на Инстаграм, Кардашијан има една од 10-те најследени сметки во светот, а во средата одлучи да ја „замрзне“ за 24 часа.
Заедно со неа, Леонардо ди Каприо, Саша Барон Коен, Кери Вашингтон, Џенифер Лоренс и Кети Пери решија да ги бојкотираат активностите на социјалните мрежи. Актерот Ештон Качер, кој има милиони следбеници на социјалните мрежи и се приклучи на бојкотот, рече: „Овие платформи не се создадени за ширење омраза и насилство“.
Организаторите на кампањата #StopHateforProfit, започната во јуни, ги обвинуваат Фејсбук и Инстаграм дека не прават доволно за да спречат говор на омраза и да шират лажни информации. Групата е особено насочена кон Фејсбук, кој е сопственик на Инстаграм и Ватсап, а минатата година компанијата оствари профит од скоро 70 милијарди долари.
„Ние сме се поблизу до избори, кои би можеле да бидат едни од најважните во американската историја“, се вели во соопштението на групата, додавајќи дека „козметичките промени направени од Фејсбук се опасно далеку од она што треба да се направи за да се заштити демократијата“.