Познатото име на првиот човек заинтересиран за купување на Манчестер Јунајтед

од Vladimir Zorba

Британскиот милијардер Џим Ретклиф е заинтересиран да го купи фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед, изјави неговиот портпарол за лондонски „Тајмс“.

Неговиот интерес за купување на еден од најтрофејните англиски клубови се разбуди откако најбогатиот човек на светот Елон Маск ја искажа истата намера, а потоа во порака на Твитер објасни дека тоа е само шега и дека нема намера за инвестирање во спортот.

Американското семејство Глејзер, кое е мнозински сопственик на Манчестер Јунајтед, се најде под притисок на јавноста, бидејќи клубот очајнички ја стартуваше новата сезона и е на дното во Премиер лигата без ниту еден бод по две одиграни кола.

Блумберг објави дека Глејзерси се подготвени да продадат малцински удел, што би ја отворило вратата за Ретклиф да се приклучи на сопственичката структура на клубот.

„Доколку клубот е на продажба, Џим е секако потенцијален купувач. Доколку такво нешто е можно, ние сме заинтересирани да разговараме за долгорочна сопственост“, изјави портпаролот на Ретклиф.

Глејзерси се изложени на интензивни критики бидејќи не вложија доволно ниту во тимот, ниту на стадионот „Олд Трафорд“. Манчестер Јунајтед е без трофеј веќе пет години, а долгот на клубот се искачи на околу 496 милиони фунти.

Ретклиф, кој ја предводи хемиската компанија INEOS,, е роден во Манчестер и долгогодишен поддржувач на клубот.

„Не станува збор за тоа дали некој потрошил пари или не. Џим го интересира што може веднаш да се направи, знаејќи колку клубот е важен за градот и верува дека ова е вистинско време за ресетирање“, додаде портпаролот на милијардерот.

Ретклиф беше еден од можните купувачи на лондонски Челси, откако фондот на Роман Абрамович беше принуден да го продаде, но клубот заврши во рацете на инвестициска група на чело со Тод Боли.

Манчестер минатата сезона заврши на шестото место и не играше во Лигата на шампионите. Како тренер во клубот беше доведен Ерик Тен Хаг од Ајакс, но Холанѓанецот лошо ја започна својата ера на клупата, со два порази и шест примени гола.

Слични содржини