Пратеничката Марковска: Не се бркавме за микрофонот, туку бев физички и вербално нападната

од Nikola Popovski

„Не, пратениците не се бркаа за микрофонот. Јас бев нападната физички и вербално со цел да ми се одземе правото на збор и со цел ВМРО-ДПМНЕ да спречи граѓаните да ја добијат економската помош од државата!“, напиша пратеничката од СДСМ, Даниела Марковска на својот Фејсбук профил, откако вчера беше објавено дека пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ отишол до пратеничката, која, пак, со микрофон се шетала низ салата за да не ѝ биде одземен.

Марковска наведува дека Мицевски дејствувал агресивно за граѓаните да не добијат економски мерки и за да ѝ го одземе правото на збор.

„Притоа Мицевски ме вознемири! Ова е класично вонземирување од позиција на лажна опозициска моќ. Но во ова нивно однесување се крие нивната НЕМОЌ! Агресивноста на ДПМНЕ повторно ќе биде казнета од народот!“, стои во нејзината објава.

Според тоа што се виде во собраниската сала, Мицевски реагирал вака, затоа што спикерот Џафери не му дал процедурално да се изјасни. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сметал дека тоа право му следува по Деловникот, а не да добиваат збор други пратеници.

По ова собранискиот спикер морал да повика и обезбедување.

„Обезбедување, тргнете го координаторот од туѓо место, не му е место таму“, изјавил Џафери.

Низ собраниската сала можеле да се слушнат удирање по маси и свирежи од свирчиња.

Слични содржини