Правосудните органи ги гонат само спроведувачите, велат од „Белата палата“ за обвинението против Зекири

од Nikola Popovski

Обвинението за поранешниот секретар на влада Мухамед Зекири покажува две работи, едната е дека владите на СДСМ се инкубатор за криминал, а втората е дека правосудните органи ги гонат селективно само спроведувачите, а не организаторите на криминалот, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, „нејасно е како може Зекири да биде обвинет за штета на буџетот од 1,5 милиони евра, а неговиот претходник генерален секретар на влада Рашковски за перење на пари и незаконски набавки, а притоа премиерите да бидат чисти“.

-Постојат основани сомненија дека криминалите, за кои се товарат овие двајца, биле иницирани и спроведувани по насока на нивниот претпоставен или претпоставени. Правосудни апсурди, стои во реакцијата на „Белата палата“.

Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска до судот во Скопје поднесе обвинителен акт против поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири за злоупотреба на службената положба и овластување.

Обвинителството соопшти дека Зеќири е обвинет дека додека бил на функцијата незаконски склучил два договори и со тоа го оштетил државниот буџет за 89.385.255 денари (околу 1,45 милиони евра).

Се прецизира дека Зеќири од април 2021 година до март 2022 година, користејќи ја својата службена положба и овластувања, постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без соодветна постапка, склучил два договори со две правни лица како даватели на услуги.

Слични содржини