Празнични желби на превозниците: Да нема мито и корупција по главните транспортни коридори 

од Берта Китинска

Транспортните компании платија висока цена за да опстанат и да ги задржат своите вработени во услови на пандемија на коронавирус. „Во сударите кои настануваа поради премор и движење без запирање во конвои, оваа година страдаа петмина возачи. Се зголеми и бројот на поминати празни километри затоа што не беше лесно да се најде стока за превоз при враќање во нашата држава’’,вели Биљана Муратовска од Асоцијацијата Макам-транс за „Локално“ .

Од државата неколку пати добија помош, но и главоболки поради зголемувањето на акцизата на горивото.

Изминатава година беше тешка за сите, особено за транспортните компании.Во ситуација кога се бројеа загубите и намалените приходи, се чини дека ги подзаборавивме самите возачи и проблемите со кои што тие се соочија .

Муратовска: 20-ти Март е почетокот на патешествието за спас на сите превозници кои се најдоа  ширум Европа.Затекнати од веста дека е прогласена светска пандемија, се соочија со застои на гранични премини и неможност да се движат слободно на места без услови за хигиена, за набавка на храна, но издржаа. Се движеа без застои во конвои само за да стасаат дома, уморни, гладни, но не се предаваа. А дома се соочија со презир и напад врз своите фамилии кои беа бесправно окарактеризирани како пренесувачи на вирусот само затоа што нивните сопрузи, односно татковци се возачи. Се соочија со чекање да се извадат специјални дозволи од ДЗСИ  за да не одат во карантин и да можат да продолжат со својата работа. Голем број на сопственици се вратија на професијата возач, само за да не застане работата во целост бидејќи нема производ кој може да се складира и да чека подобри времиња.

Во овој период имаше и жртви со смртни последици  во сударите кои настануваа поради премор и движење без запирање.Но затоа имаше и акции за собирања на средства за да се вратат посмртните останки на возачите кои ги згубија своите животи на работното место.

Сведоци бевме на вашите обиди да опстанете и да обезбедете непречен превоз на стоките. Дали и колку успеавте во таа борба?

Муратовска: Во првите три месеци од прогласување на пандемијата сите превозници се соочија со драстично намалување на својата работа. Работата падна и повеќе од 60% во споредба со истиот период од 2019 година.Голем број од превозниците не ги искористија средствата кои ги нудеше државата како помош затоа што истите потоа треба и да се вратат.Имаше и такви кои ја искористја мерката за надомест на плата, или бескаматни кредити како еден вид инфузија за периодот додека не почна да се движи економијата во цела Европа. Мора да се каже дека превозниците кои превезуваа лекови, средства за дезинфекција, храна, работеа со голем напор, времето на превозите се зголеми, како и бројот на поминати празни километри затоа што не беше лесно да се најде стока за превоз при враќање во нашата држава.Работеа, но под влијание на понудата и побарувачката за возила, драстично се намали цената на превозот.

Преку пакет мерките, од Владата неколку пати добивте помош, но во вашите релации се појавија и  проблеми и кризи.Зголемувањето на акцизата беше една од поголемите.

Муратовска: Додека во сите други држави па и во Америка им се одаваше почест на превозниците, ние македонските превозници протестиравме затоа што зголемувањето на акцизата ни го пласираа како анти кризна мерка. Нашите барања беа да има рамномерно распределување на тешкотиите во работењето на сите, а не само на одредена група од стопанството. За нас намалената цена на горивото беше вистинска антикризна мерка ,но сепак дел од  она што ни следуваше се слеа и сеуште се собира во буџетот на државата.

Во периодот после одморите, почна подобрувањето на транспортниот пазар.Приходите се драстично намалени, но со работа и во отежнати услови ги задржавме вработените,а возилата се користат, што е особено важно ако се знае дека и кога стои едно возило, секојдневно троши минимум 100 евра поради фиксни трошоци за регистрација, задолжително осигурување, зелени карти, амортизација, ануитети и др.

Проблем за превозниците годинава се појави и во односите со Косово во рамки на идејата за ,,мини шенген,,.Се воведуваат транспортни дозволи кои ја ограничуваат достапноста на транспортниот пазар

Муратовска: Да , ќе ја паметиме годинава и по неразумното барање на косовското министерство за транспорт,после дваесет години да се ограничат превозите кој можеме да ги вршиме од и за трета земја, на минимален број од 200 или 300  транспортни дозволи за цела година. Дозволите се разменуваат во реципроцитет, што значи дека тоа што е забрана за странскиот превозник  во исто време е забрана и за домашниот превозник. Како членки на ЦЕВТА наместо да се следат заклучоците на овој сојуз за либерализација на услугите, се бара ограничување на правата кои се стекнати од осамостојувањето на Косово па до денес и тоа во услови на светска пандемија.Со ваквиот чекор ќе се предизвика зголемување на транспортните трошоци и за стопанствениците од Косово кои ги користат услугите на македонските превозници. Идејата за проектот „ мини шенген“  значи либерализација и достапност до пазарите на државите кои треба да се дел од овој проект, а не ограничување на правата за достапност на транспортниот пазар преку воведување на транспортни дозволи.

2020 год.ќе ја памтиме и заради воведувањето на т.н зелени ленти ( коридори) за превоз на стока во свежа состојба, жива стока , лекови , средства за дезинфекција и опасна стока која според препораките на Светска царинска организација не смее да се задржува на граничните линии. Остануваме во надеж дека иницијативата ќе продолжи и во рамките на овие зелени ленти ќе се вклучат и пограничните држави кои се членки на ЕУ , со цел да се има брз и непречен проток на стоки од место на утовар до место на истовар.

Со оглед на тоа колку тешка беше изминатава година за превозниците, што посакувате во следната 2021 год?

Муратовска:Желбите за новата 2021 год. се големи, а предизвиците уште поголеми. Да има работа за сите, да се овозможи слободен пристап до сите транспортни пазари, да нема мито и корупција по главните транспортни коридори, да запре движењето на мигрантите, да постои лојална конкуренција и можност за напредок подеднаква за сите.

К.В.С.

Слични содржини