Пред одлуката на Уставен : на кого најмногу му одговара да „воскресне“ темата со аболициите?

од Ивана Рамаданова

Целосно демолирана Канцеларијата на Претседателот и Министерството за правда, жестоки судири со полицијата и приведени  демонстранти, беше епилогот од протестите против тогашната одлука на Иванов за прекинување на сите кривични постапки против лица од власта и од опозицијата. Револтот кај граѓаните не стивнуваше по одлуката на претседателот колективно да помилува 56 лица.

12 Април 2016 година шефот на државата Ѓорѓе Иванов донесе одлука да ги ослободи од кривично гонење функционери, политичари, бизнисмени, јавни обвинители. На овој ден пред една година претседателот на државата на прес-конференција пред новинарите изјави дека донел одлука за прекин на сите истраги и процеси против политичари. Претседателот Иванов сооошти дека одлуката ја донел сам.

„Со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни. Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес. И стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува во сила веднаш“ – рече на 12 април 2016 година Иванов.

Следниот ден на 13 април во Службен весник беа објавени имињата на сите политичари и функционери кои се помилувани. Иванов донел вкупно 41 одлука, со 107 помилувања, а вкупниот број на помилувани беше 57 лица.

Рекордер во помилувања е екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој беше помилуван 16 пати, односно за 16 случаи во кои се јавува како осомничен за различни кривични дела. По него е поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која беше помилувана 11 пати. Екс директорот на УБК Сашо Мијалков беше помилуван за шест дела. Поранешниот премиер и актуелен лидер на владеачката ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски беше помилуван пет пати. Помилуван е и директорот на Т – Мобајл Жарко Луковски, како и Владислав Стајковиќ и Христијан Панев кои се сопственици или управители на медиуми, а биле предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство. Во купот помилувани влегоа и обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски. На списокот е и израелскиот државјанин Хаим Хакијани, кој беше дел од бомбите на СДСМ во разговор во кој се договараше провизија при купување на опрема за прислушување. На листата помилувани го немаше Љубе Бошкоски. Помилувани се осомничените за начинот на неговото апсење, за што СЈО отвори и предмет под името Тортура, но не е помилувана жртвата во овој случај. Меѓу имињата на сведоците кои Иванов ги откри со помилувањата беше и Коста Крпач, кој набргу потоа беше пронајден застрелaн во неговиот стан.

Претседателот Ѓорге Иванов на 27 мај ги повлече аболициите за сите 22 политички експонирани лица што ги помилува на 12 април. За останатите од списокот на 56 помилувани оставена е можноста индивидуално да си поднесат барање до него да им биде повлечена аболицијата. „Никој не е недопирлив, секој ќе одговара за тоа што го направил“, рече Иванов.

Десет дена потоа, односно на шести јуни 2016 Иванов донесе нова одлука, со која комплетно ја поништува одлуката за аболиција.

„Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија. Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април. На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците“ – рече тогаш Иванов.

Уставниот суд на петти октомври 2016 донесе одлука поднесената Иницијатива за уставноста на помилувањата кои ги донесе претседателот Ѓорѓе Иванов да биде отфрлена и да не се разгледува. Како причина за отфрлањето се наведува тоа што помилувањата се веќе повлечени и спорните одредби веќе не се дел од правниот поредок.

Стотици граѓани по објавувањето на одлуката за аболиција, излегоа на масовни протести во центарот на Скопје, пред народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов, пред Собранието, Владата и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Протестите се прошируваа и низ другите градови од ден во ден.

Практично, тоа е почетокот на неформалната Шарена револуција, која ги бојадисуваше институциите и спомениците во знак на протест од одлуката за помилување на шефот на државата.

Демонстрантите бараа целосно поништување на одлуката на Ѓорге Иванов за аболицијата на 56 лица што е целосно исполнето барање, неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата претседател, потоа Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство барање кое не е неисполнето, оставка на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање преодна влада – барање кое делумно е исполнето, Формирање специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО, барање кое не е неисполнето, вклучување на граѓанските организации во преговорите – неисполнето барање и ослободување на притворените демонстранти кои учестуваа на протестите на Шарената револуција – делумно исполнето.

Експресни реакции стигнаа тогаш пристигнаа и од странските претставници во земјава.

„Изјавата на македонскиот претседател покренува сериозна загриженост околу заложбата на Македонија за владеење на правото“, соопшти американската амбасада во Скопје по најавата на Ѓорге Иванов дека донел одлука за прекин на сите кривични постапки што се водат против политичари во земјата.

Британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет пак преку Фејсбук посочи дека ако одлуката да се аболираат политичарите се однесува на истрагите околу сомненијата содржани во прислушуваните разговори, тогаш тоа е предмет на сериозна загриженост.

„Целосната истрага на овие сомненија, и соодветен законски процес, се клучни елементи на договорот од Пржино. Како такви тие се централни на секое трајно решение на актуелната политичка криза“, смета амбасадорот Гарет.

Еврокомесарот Јоханес Хан пак преку Твитер истакна дека изјавата на претседателот сите да бидат помилувани, е нешто што според неговите сфаќања не е прифатливо и не е во согласност со владеењето на правото.

„Со оглед на овој развој, имам сериозни сомненија дали се се уште можни кредибилни избори“, напиша еврокомесарот Хан.

По месец и половина од донесувањето на одлуката за аболиција на повеќе од 50 лица, политичари и нивни блиски соработници, претседателот Ѓорге Иванов соопшти дека донел одлука да ги поништи одлуките за аболиција на 22 лица, меѓу кои има и лица кои досега не со обратиле до Кабинетот со такво барање.

„Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување, донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца. Сите други лица, во согласност со законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот. Ниту еден политичар не е недопирлив. Напротив, секој ќе одговара за своите постапки“, рече Иванов во своето обраќање. Кои лица се на оваа листа сè уште не е познато.

Три години подоцна, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, кој предвидува претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Членот предвидува, лицето за кое е донесена одлука за помилување има право до претседателот на Републиката да поднесе барање за поништување на одлуката за негово помилување. Претседателот на Републиката е должен во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето, да ја поништи донесената одлука.

Не стивнуваат реакциите по најавата дека Уставниот суд ќе ја преиспитува установста на членот 11-а од Закнот за помилување од 2016-та година, што му овозможи на поранешниот претседател Ѓорге Иванов да ги поништи помилувањата кој самиот ги даде за 56 лица, меѓу кои поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ обвинети и осомничени во случаите на СЈО.

За дел од претстаниците на правната фела ова прашање мора да има завршница еднаш засекогаш,  бидејќи ако се остави така ќе може секогаш  да се актуелизира.

Од СДСМ денеска повторно со соопштение ги повикаа од ВМРО – ДПМНЕ нивните пратеници да ја поддржат иницијативата за автентично толкување од Собранието, но од опозициската партија и денеска без јасен став дали би дале поддршка. За ВМРО-ДПМНЕ повторното актуелзиирање на  три години старата иницијатива е политички мотивирана со цел да се покријат актуелните афери.

“ Јасен е и нарачaтелот кој што може да стои зад оваа одлука. Само на политичар кој што е аболициран за тежок криминал, може да му текне да ја злоупотреби аболицијата во овој момент. ВМРО-ДПМНЕ принципиелно е против амнестии и против аболиции. ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи амнестии и аболиции. Доколку Заев продолжи со неговиот план и ги разгневи граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со нив на протести. “

Од СДСМ пак обвинуваат дека зад иницијативата пред Уставниот суд стои ВМРО-ДПМНЕ.

“ За предметите за кои се води постапка пред СЈО а сега се преземени од ЈО правда мора да има. ВМРО-ДПМНЕ стои зад иницијативата пред Уставниот суд која има за цел да ја оживее аболицијата на Ѓорге Иванов против која застанаа сите слободоумни граѓани освен режимската ВМРО-ДПМНЕ. Со отворање на постапка пред Уставниот суд за оценка на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за постапките кои се водат за прислушуваните материјали. “

Професорот Гордан Калајџиев, укажува на разликите меѓу ефектот на поништувачките и укинувачките одлуки кои може овој Уставен суд да ги донесе.

„Ако законот е поништен, во тој случај претходните одредби се враќаат во сила. Во случај на поништувачка одлука на Уставниот суд, дерогативниот ефект на законот кој е поништен како неуставен, се отстранува и затоа се враќа во сила претходниот закон. Со укинувачката одлука пак на Уставниот суд не се враќа во живот одредбата од членот 11 од Законот од 1993 година, што значи дека претседателот немал правна можност да даде помилување без спроведување постапка врз основа на тој член“, вели професорот Калаџиев.

Тој смета дека општествениот интерес за одговорност на овие лица е голема.

„Амнестија и помилување не смеат да доведат до избегнување одговорност за тешки повреди на човекови права“, вели Калајџиев.

За адвокатот Тони  се наметнува состојба каде правото треба да е слуга на политиката од власта и нејзините сателити, а во една демократска држава каде владее правото ова е недозволиво.

„Ниту една уставна и законска одредба не може да се толкува на начин според кој, на некој му се загрозува или ограничува некое право или слобода или на сметка на мнозинството некој поединец добива привилегии. Еднаквоста на Македонците пред уставот и законите и нивната воедначена примена е дел од суверинитетот кој тие, Македонците го делигираат на секоја извршна и судска власт! Почитувањето на овие вредности е задолжително и не подлежи на манипулации во дневно политички цели. Злоупотребувајќи го правото и институциите со сегашната власт предводена од СДСМ само потврдува дека перогативот на тоталитарниот режим им е водечка мисла. Но, да ја погледнеме и последната епизода на бродот што тоне“, вели Менкиновски.

Со став се огласија и од партијата пензионерите од каде велат дека Уставниот суд, со ваквата одлука, ризикува да создаде услови со кои ќе се урнисаат сите досегашни напори за правда и нулта толеранција на корупцијата и да промовира неправда, неказнивост и заштита на криминалот.

За оваа иницијатива Уставниот суд има рок од триесет дена да се произнесе, а веќе во среда ќе се разгледува и иницијативата за преиспитување на Законот за амнестија врз основ на кој беа амнестирани инволвирани лица во упадот во Собранието од 27ми април, меѓу кои се и  петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов.

Слични содржини