„Предлогот е добра вест за продолжување на обидите за отварање на преговорите“

од Берта Китинска

Откако остварија средба со премиерот Димитар Ковачевски дел од владините партнери информираа дека деновиве ќе го дадат своето мислење во врска со францускиот предлог за почеток на преговорите за велз во ЕУ.

-Нашиот претседател Африм Гаши беше на состанокот повикан од премиерот, во кој тој ги информирал владините партнери со новиот предлог.Начелно, предлогот е добра вест за продолжување на обидите за отварање на преговорите, но конечниот став ќе биде заземен во органите на Алтернатива и потоа ќе ја информираме јавноста, велат од Алтернатива за „Локално“.

Водено и владините партнери ДОМ, ЛДП, ДПТ, информираат дека во деновите што следат официјално ќе излезат со став во врска со новиот предлог на Макрон.

-Предлогот ќе биде разгледан и анализиран од страна на нашите партиски органи и после тоа ќе имаме јасен став на Демократската Партија на Турците во врска со последниот предлог.Тука сакаме да потенцирам дека процесот за носење на одлука треба да биде транспарентен и да биде инклузивен за сите политички чинители особено е важен ставот на опозицијата , невладиниот сектор а посебен акцент треба да има мислењето на граѓаните.Демократската Партија на Турците од почеток дава јасна подршка на своите сограѓани Македонци во врска за нивните ставови за прашањато кои денеска се предмет на договорот, велат за „Локално“ од Демократска Партија на Турците.

Лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски информира дека денеска не присустувал на лидерската средба во Владата меѓу коалицијата поради обврски во Софија.

-Присуствувам на Конгрес на Либералната интернационала. На маргините на Конгресот, остварив средба со известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. Го разгледавме модифицираниот Француски предлог и вметнатите барања на Македонската Влада во истиот. По разгледување од експертската јавност и од органите на ЛДП, деновиве пред нас, ќе го дадеме своето мислење како партија, дали новите формулации ги исполнуваат нашите критериуми за поддршка или не, соопшти Милевски од Софија.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во куса изјава за „Локално“ кажа дека деновиве нејзината партија ќе го искаже својот став во врска со новиот предлог.

„Францускиот предлог е добар, ако не прифатиме илјадници ќе заминат од државата“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека францускиот предлог е добар и нѝ отвора пат и нѝ овозможува да го фатиме последниот воз за Европската Унија (ЕУ). Неговото неприфаќање носи ризици за бесперспективност, кризи, меѓуетнички тензии и заглавување во балканската кал.

-Веќе почнаа официјално да се отвораат теми за нови унии, за нова политичка унија. Ако ние сега не почнеме, Албанија ќе почне со преговорите, ние ќе останеме, Бугарија оди на избори. Со таквите анкети најверојатно нема да има влада во наредните година-две, ова прашање ќе заглави во наредните години и години. Тука ние ќе имплудираме од сите можни кризи кои што ќе се појават од немањето на перспектива. Луѓето ќе почнат да решаваат, конечно, да бегаат од овде затоа што имаат семејства кои сè уште се надеваат дека ќе бидат добро, дека ќе има европска перспектива, ги задржуваат децата овде, не земаат странски пасоши. Ако ние кажеме не, ако Албанија ги почне преговорите, ако народот сфати дека нема иднина, верувајте дека илјадници ќе почнат да земаат пасоши од соседството, илјадници ќе донесат одлука да заминат и да ја напуштат државата затоа што нема иднина, истакна Османи на брифингот со новинарите во МНР.

Неприфаќањето на овој предлог, според него, значи одбивање на можноста прашањето на македонскиот јазик да се затвори еднаш и засекогаш, одбивањето значи заглавување во балканската кал со сите можни последици овде и губење засекогаш перспективата на ЕУ.

Македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа

Премиерот Димитар Ковачевски преку објава на социјалните мрежи во саботата ги демантира, како што наведува, лагите и шпекулациите во врска со францускиот предлог за надминување на ветото на Бугарија за европските интеграции во Македонија, и порачува дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската унија, без никакви фусноти и дополнувања.

-Се појавија многу лаги и шпекулации врзани со францускиот предлог. Сакам да бидам кристално јасен: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со сите други јазици во Европа со овој предлог. Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на Европската унија. Нема никакви фусноти и дополнувања, тоа се лаги, уверува Ковачевски.

Опозицијата преку протест ќе порача „не“ за асимилација

Предлогот кој Ковачевски, Османи, Пендаровски и останатите го претставуваат како модифицирана верзија, всушност е истата која наводно ја одбија пред една недела, обвинува ВМРО-ДПМНЕ. Во овој предлог наместо отворање на европерспектива, се овозможува легална рамка Бугарија да условува со идентитетски теми, јазикот, историјата, промени на учебници, споменици, настани и други понижувачки барања, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека тие преку протест пред Владата ќе порачаат да се отфрли ваквиот предлог и ќе кажат како што велат, „не“ за асимилација и бугаризација на државата.

Б.М.

Слични содржини