Преговорите носат придобивки – 100 милиони евра поддршка од ЕУ, порачаа од СДСМ

од Nikola Popovski

Европската комисија даде предлог за макрофинансиска поддршка за економијата на Република Северна Македонија до 100 милиони евра за следните две години помош. ЕУ пред само неколку дена додели грант од 53 милиони евра за три стратешки енергетски проекти, а во јули минатата година Брисел одобри 225 милиони евра за четири инвестициски проекти во државата, посочуваат утрово од СДСМ преку соопштение.

Партијата на власт потсетува дека за справување со економската и енергетската криза ЕУ лани обезбеди 80 милиони евра за Република Северна Македонија.

-Со ова уште еднаш се докажува кој стои до нашата држава во тешки времиња и во време на економска и енергетска криза. Евроинтеграцијата носи развој и напредок на државата, европски вредности и сигурна иднина за подобар живот на граѓаните, стои во соопштението од СДСМ.

Со овој предлог, ЕК стои на страната на Северна Македонија во тешки времиња, бидејќи по војната меѓу Русија и Украина, надворешната рамнотежа на земјата нагло се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија, беше наведено на веб-страницата на Европската Комисијата.

Претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен изјави дека ЕК стои со Македонија во овие предизвикувачки времиња.

„Денеска предлагаме до 100 милиони евра макрофинансиска помош за поддршка на економијата на земјата, со што ќе придонесеме за покривање на нејзините финансиски потреби во следните две години“, посочила таа.

Сега останува на Европскиот парламент и на Советот да го разгледаат и усвојат предлогот за обезбедување макрофинансиска помош за Македонија.

Слични содржини