ПРЕГОВОРИТЕ ЗА „БРЕГЗИТ“ ПРЕД ПРОПАЃАЊЕ: Циркулира таен документ, владата на Британија се подготвува за НАЈЦРНОТО СЦЕНАРИО

од Vladimir Zorba

Следните часови се одлучувачки за иднината на односите меѓу ЕУ и Велика Британија. Ние сме во време кога се решава дали ќе има договор или не. Брисел рече дека откако главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, ги известил амбасадорите на членките дека не е постигнат трговски договор со Велика Британија по „Брегзит“.

Има одреден напредок, но не и „решавачки“ по клучните прашања, за кои никој не попушта дури и по една година преговори.

– Разбираме дека има одреден напредок, но тие не успеаја да ги надминат значајните разлики во три клучни области: исти права, управување и риболов – вели висок дипломат на ЕУ.

По пауза во преговорите поради „непостоење услови за напредок“, главните преговарачи на ЕУ и Велика Британија, Мишел Барние и Дејвид Фрост, вчера ги продолжија интензивните разговори во Брисел.

Европската комисија потенцира дека, и покрај временскиот рок до крајот на годината, поважна е суштината на договорот со Лондон, кој мора да ги штити интересите на ЕУ.

Комисијата повторува дека ЕУ се подготвува за „сите сценарија“ од почеток, и дека претседателката Урсула фон дер Лејен вечерва повторно ќе разговара со британскиот премиер Борис Џонсон, со цел да ја процени ситуацијата.

И во Британија се чини дека се подготвуваат за „сите сценарија“, особено за најцрните. Таен владин документ, чија содржина деновиве ја пренесуваат островските медиуми, открива што ќе се случи со земјата доколку не се постигне договор.

Исти прашања на масата

Секоја страна ја префрла топката на одговорност за неуспехот на другата и има сè помалку време за договор, иако огромното мнозинство на договори се договорени одамна. Но, овие мали прашања за кои нема договор се важни за обете страни.

Главните пречки за кои ЕУ и Велика Британија не успеваат да се договорат се риболов, еднакви права и управување. Сите три прашања се однесуваат на стандардите и заштитата на животната средина, потсетува „Еурактив“.

Работата за риболов е јасна. Лондон сака британските рибари да можат да ги продаваат своите риби на пазарот на ЕУ. Брисел, пред се поради притисокот на Франција, би се согласил на тоа само доколку рибарите од ЕУ добијат можност да продолжат со риболов во британските води. Колку и да е мал уделот на риболов во економијата и на Унијата и на Велика Британија, ова прашање е од политичко и симболично значење затоа што се однесува на суверенитетот и беше еден од аргументите за време на кампањата за Брегзит повикувајќи „Велика Британија конечно да управува со своето море“.

Вториот проблем е нешто посложен. Станува збор за „еднакви услови на игра“, односно исти правила за секого. Ова значи дека ако Велика Британија добие непречен пристап до пазарот на ЕУ за целата своја стока, без царина, тогаш мора да се осигура дека британските компании во нивната земја не се попривилегирани од оние од ЕУ. Така, британската влада не треба да ги става своите бизниси во привилегирана позиција со даночни олеснувања, субвенции или владина поддршка. Ова би било најлесно да се реши со примена на правилата за конкуренција на ЕУ, со кои Велика Британија има искуство и што не би било тешко за компаниите во пракса.

Но, и за ова прашање, Лондон сака да докаже дека Велика Британија сега станува „целосно независна држава која одлучува за сопствената политика на субвенционирање“. Исто така, ЕУ нема да дозволи британска стока да се продава без давачки на единствениот пазар на ЕУ, ако не ги исполнува сите строги стандарди утврдени со правилата на Унијата.

И последното прашање се однесува на управување со можен договор. Страните допрва треба да договорат кој е одговорен за следење на спроведувањето на договорот и кој има овластување да интервенира во случај на повреда. Досега беше неприфатливо за Велика Британија тоа да биде Европскиот суд во Луксембург.

Протести, немири и тероризам

Бидејќи преговорите се балансираат на работ на пропаст, таен владин документ кој кружи низ британските медиуми открива дека во случај на Брегзит без договор, Велика Британија би била погодена од социјални немири, недостиг на лекови и гориво и поскапување на храната.

Во досието на 34 страници со „разумно најлошо сценарио“ е наведено она што Даунинг стрит верува дека може да се случи доколку Велика Британија ја напушти ЕУ во новата година без трговски договор. Владин извор ја потврди автентичноста на документот и откри дека тој е составен во септември.

Во документот се вели дека „стапката на проток на лекови и медицински помагала првично би се намалила на 60-80 проценти во текот на три месеци, што, доколку не се ублажи, би влијаело на испораката на лекови и медицински помагала низ Велика Британија“. Ова може да биде особено незгодно ако пандемските околности се земени во предвид.

Вознемирувачкиот документ за многу Британци предупредува и на „протести и контрапротести“, конфликт меѓу британски и европски рибари, зголемување на цените на храната и горивата, намалена достапност на храна и зголемен ризик од тероризам.

Документот исто така проценува дека секоја 20-та општина во Велика Британија би била изложена на ризик од финансиски колапс.

Слични содржини