„Премиер Албанец“ ќе ги теши незадоволните, ДУИ ќе остане обединета!

од Берта Китинска

На многу коментираната средба на раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ), на која првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, се осврна на работата на сите министри на ДУИ, освен изборот на секретаријатите на партијата, не стануваше збор и за разрешување и одговорност, како што бараше и тврдеше незадоволната група на ова партија, таканаречената „Огнена група“.

Оваа група доби нов удар од лидерот Али Ахмети со назначувањето на Артан Груби за шеф на неговиот кабинет, човекот за кој „Огнената група“ отворено бара разрешување.

По маратонската дебата од 10 часа, средбата остана недовршена и ќе продолжи на 19 ноември, кога секој министер ќе поднесе отчет пред претседателството на партијата, а внимание ќе се посвети на здравството и образованието.

Но, што се разговараше на оваа маратонска средба на ДУИ?

Средбата започна со воведниот говор на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој зборуваше за актуелната политичка состојба во државата, енергетската и економската криза и за целите на партијата за во иднина. Потоа првиот вицепремиер Артан Груби еден час пред членовите на партијата го презентираше сработеното од министрите на ДУИ во овој владин состав.

„Огнената група“ по елаборатот на Груби имаше забелешки за прашањето поврзани со вработувањата, за што од Груби добија одговор дека партиска одлука е да престане практиката на луѓе да земаат плата, а да не одат на работа.

На средбата критики упатија и Муса Џафери и Садула Дураку дека нема Албанци раководители на секторски позиции во Министерството за финансии и надворешни работи, а забелешките на Изет Меџити главно се однесуваа на немањето инфраструктурни проекти. Како што дознава „Локално“ од партиски извори во ДУИ, Груби на критиките одговорил аргументирано.

Како што соопштија партиски извори, жестока била и дебатата на Муса Џафер со поранешниот пратеник Џеват Адеми за партиските реформи. Според партиски извори, Адами го критикувал Џафери дека не им дава простор на младите во новото претседателство, наместо тоа се избираат луѓе кои со години се на партиски, државни и локални раководни позиции.

Од друга страна, неколку градоначалници на општините побараа од министерот за економија Крешник Бектеши да биде попрецизен со справувањето со кризата, од причина што, како што истакнаа на средбата, повикувајќи се на партиски извори, општините плаќаат високи сметки. Забелешки има и за враќање на ДДВ за општините.

Како што дознава „Локално“, на средбата било отворено и прашањето за „премиер Албанец“, што според познавачите на политичките случувања во ДУИ, би можело да биде позиција што ќе ги задоволи незадоволните и со ова Ахмети ќе ги направи сите сопартиции „среќни“, а партијата ќе му остане обединета.

Лидерот на ДУИ, АЛИ Ахмети, по средбата на претседателството изјави дека извештајот на министрите ќе го уредуваат тројца високи партиски функционери.

– Извештајот ќе биде на увид. За уредување на извештајот се назначени тројца високи функционери на ДУИ, генералниот секретар, потпретседателот Меџити и првиот вицепремиер Артан Груби, изјави Ахмети. Тој најави дека на средбата не станало збор за разрешување или смена на министри.

Претседателството на ДУИ го реизбра Артан Грубин за шеф на кабинетот на Али Ахмети. Органите на партијата ги избраа и секретарите во рамките на партијата, додека со одлука на Ахмети е формиран „Одделот за згрижување на семејствата на ветераните и инвалидите на ОНА“, кој ќе го води поранешниот пратеник Рафиз Алити.

Д.Ј.

Слични содржини