Премиерлигашите ќе платат 23.000.000 поради Суперлигата

од Stefanija Kuzmanovska

Не се драконски казни, но сепак постојат. Премиерлигашката шестка, која се согласи да стане дел од Европската Суперлига, се согласи да ја покрие сумата од околу 23.000.000 евра како своевидна спогодба со Премиер лигата. Значи, секој клуб треба да плати близу 4.000.000 евра. Тоа се информациите објавени од веродостојниот британски „Атлетик“.

Во исто време, клубовите беа предупредени дека во случај на нов обид за „бунт“, ќе се соочат со индивидуална казна од 23.000.000 и кусур милиони, или 30 поени помалку во елитниот ранг на англискиот фудбал.

Арсенал, Челси, Ливерпул, Тотенхем и гигантите од Манчестер – Јунајтед и Сити ,беа дел од дванаесетте кои беа во центарот на вниманието на европската и светската јавност во април годинава поради обидот за формирање на Суперлигата. Сепак, по огромните притисоци, како од медиумите и навивачите, така и од другите страни, сите шест клуба се откажаа во следните 48 часа.

Сега тие меѓусебно се договорија за спогодба со Премиер лигата, која треба да биде официјално објавена денес, по редовниот годишен состанок во елитниот ранг на англискиот фудбал.

Слични содржини