Премиерот Спасовски на панел-дискусија за состојбата на Ромите

од Nikola Popovski
„Состојбата на Ромите во Република Северна Македонија: мерки, приоритети и предизвици“ беше темата на  панел-дискусијата на која учествуваше премиерот Оливер Спасовски, која преку видеоконференциска врска ја организираа три граѓански организации на Ромите од дијаспората („Кармен“, „Ромалитико“ и „Аваја“).
Владината прес-служба соопшти дека Спасовски пред почетокот на одделните секции на панел -дискусијата, ги поздрави организаторите и учесниците и истакна дека ваквите настани се  заеднички чекор на најдобар можен начин да се промовира и практикува владината стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја – Обединети во различностите.

– Вие од дијаспората најдобро знаете што значи европската идеја „Обединети во различностите“. Еден од чекорите за остварување на оваа наша определба е и Стратегијата за Ромите во Република Северна Македонија и националните акциски планови, како дел од јавните политики на државата, за еднакво вклучување на Ромите во општествените текови, рече премиерот Спасовски.

Во врска со темата за мерките кои Владата ги презеде за време на кризата од КОВИД -19 и идните чекори што  ќе ги преземе за ублажување на економските последици, премиерот посочи дека во оваа насока се донесени мерки за поддршка на самостојните занаетчии, односно финансиска поддршка од 14.500 денари поддршка за самостојни вршители на дејност, категорија на професии која е прилично застапена во ромската заедница, како и пакетот економски мерки за справување со кризата,  кои се однесуваат на лицата без работен ангажман или лица кои биле дел од т.н. неформална економија со надоместок од 7.000 денари по домаќинство.

Оваа мерка, рече премиерот Спасовски, ја искористија 20.000 домаќинства и 30.000 корисници. Во оваа насока е и  програмата „Домашна платежна картичка“ за купување домашни производи, со која се опфатени голем дел од ромските семејства во ризик.

Премиерот зборуваше и за координацијата на Владата со меѓународната хуманитарна помош од која голем дел беше насочена за поддршка на социјално загрозените Роми, и додаде дека и Фондацијата „Отворено општество“, која е традиционален партнер на Владата во спроведувањето на програмите за поддршка на ромската заедница определи 100.000 долари за хуманитарни пакети за најзагрозените ромски семејства во државата и опфати 10.000 граѓани во 2.000 семејства кои живеат во општина Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница, Пехчево и во други места, кои беа доставени преку Црвениот крст, заедно со локалните ромски невладини организации.

Спасовски нагласи дека во однос на пристапот до здравствени услуги за ранливите категории за време на вонредна состојба, Владата донесе Уредба со која им овозможува на сите лица кои не се здравствено осигурени да имаат можност „во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“.

На панелот на тема: „Имплементација на Охридскиот рамковен договор; Како да се постигне правична застапеност во услови кога се бара намалување на администрацијата?“, како што соопшти владината прес-служба, се разговараше за процесот на постигнување на правична застапеност на помалите заедници, при што премиерот Спасовски подвлече дека Владата, во најголем дел преку Министерството за труд и социјална политика и преку министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, работи со најранливите категории лица коишто се соочуваат со најсензитивните проблеми и потреби.

Се разговараше за продолжувањето со имплементирање на проектите, кои се препознатливи во ромската заедница и се во насока на поголема инклузија на децата-Роми во предучилишното образование.  Беше нагласено дека во последните дванаесет години бројот на запишани ученици Роми во средното образование од година во година расте, а во последните дванаесет години расте бројот и на Роми кои по средното образование се запишале на некој од факултетите во високото образование.

– Тоа се податоци што радуваат и што го подобруваат потенцијалот за поголема вклученост и застапеност на претставници на ромската заедница во општествените институции и процеси, рече премиерот Спасовски, кој посебно нагласи дека оваа Влада особено внимание посвети на вклучување на невработените Роми во активните мерки за вработување, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување  лични документи, за времено згрижување семејства кои  се во социјален ризик.

Слични содржини