Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, во гостувањето на Канал 5 телевизија изјави дека актуелната влада, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, ќе продолжи да ја води Република Македонија, без учество на Али Ахмети и ДУИ. Пренџов нагласи дека дури и ако Арбен Таравари продолжи да делува против Владата, „Таравари и ДУИ нема да бидат дел од властите“.
Пренџов ги оспори тврдењата на Таравари дека Европската Унија е причина за неговото напуштање на Владата и повика на проверка на записниците од владините седници. Тој додаде дека Европската Унија е единствената цел на Македонија и дека земјата напредува во реформскиот процес, што ја става на врвот на Западен Балкан.
Во однос на Бугарија, Пренџов нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ останува непроменет — Македонија нема да прифати уставни измени кои ќе го понижат македонскиот народ.
Пренџов се осврна и на политичката ситуација во Владата, истакнувајќи дека останува да се види кои високи владини функционери ќе продолжат да работат по лични интереси и кои ќе се придржуваат на реформите што им се доверени од граѓаните.