Препораки за вредносни ваучери за градовите каде има мал број на вакцинирани лица

од Берта Китинска

Податоците од Министерство за здравство покажуваат дека 35 проценти од популацијата во државава примила две дози вакцина, додека според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана барем со една доза.

Анализите на Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк, пак, покажале дека вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170,8 милиони денари или 2,8 милиони евра во текот на последните пет недели од делта бранот. Вакцинацијата, според проценките, ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9 и 46,5 проценти и спречила да се заразат дополнително околу 14 500 луѓе или 148 повеќе новозаразени на ден во текот на последните 3,5 месеци.

– Отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4.595 неделни хоспитализации (околу 328 хоспитализации повеќе, неделно), се вели во извештајот што вчера го објави Фајнанс тинк.

На носителите на политики им препорачаа да го забрзаат темпото на вакцинација со воведување стимулативни мерки како на пример вредносни ваучери особено во градовите каде има пониско ниво на вакцинирано население. И на приватниот сектор му се препорачува преку стимулативни мерки да ги мотивира вработените да се вакцинираат, а новинарите и истражувачите да го зголемат нивото на информираност на популацијата за ефектите од вакцинација преку издржани и детални анализи.

Слични содржини