ПРЕПУКУВАЊА на релација „Бела палата-Мала Речица“: „Доколку треба да коалицираат ќе се заборават навредите, ќе се зачудиме колку се сакале меѓусебно“

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ влегоа во „отворен клинч“, препукувајќи се со соопштенија и изјави за тоа кој сторил „криминал и корупција“, а кој е „криминално здружение и антиалбанска партија“. Најголемата опозициска партија го обвини вицепремиерот Артан Груби дека за сомневања за „отворање на семејни бизниси вредни милиони со употреба на политичко влијание“. Од партијата од Мала Речица возвратија дека „Мицкоски прераснал во двигател на антиалбански наратив во нашето општество и се натпреварува со Левица на Апасиев во расистички напади“.

Енвер Салихи

За тоа каде води оваа нова „битка со соопштенија“ меѓу двете партии, дел од аналитичарите сметаат дека ова е веќе виден филм. „Ништо ново. Сосема исти слики и ситуации кога не се бираат средства да се дискрдитираат меѓусебно политички противници. Јас мислам дека овој филм го гледаме одамна и тоа со истите актери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ“, вели за „Локално“ поранешниот член на ДИК, Енвер Салихи.

Според него, ова е навестување за еден нечесен изборен процес.

-Наредната година се очекува голема разврска која ќе остави белези во меѓупартиските и меѓучовечките односи. Јас мислам дека не е оваа лична војна против Груби него против еден прв човек на ДУИ во власта со оглед на можното сценарио за еден заеднички блок на сите политички партии наречен како европски фронт наспроти ВМРО-ДПМНЕ која сигурно ќе победи, а не се знае дали може да ја направи Владата, оценува аналитичарот.

Дали со ова се намалуваат шанси за можна идна коалиција меѓу двете партии, Салихи смета дека ваквите препукувања не претставуваат проблем.

-За коалицирањето на ВМРО-ДПМНЕ со други партии ако има потреба ќе се заборават навредите, дури ќе се зачудиме колку се сакале меѓусебно. Филмот со кревање на меѓусебен рејтинг веќе го знаат нашите граѓани и тоа најдобро го искористуваат ДУИ и ВМРО со една win-win ситуација, порачува Салихи.

Благојче Атанасоски

Ова е обид за зголемување на нивното крајно радикално гласачко тело, вели за „Локално“ политикологот Благојче Атанасоски, коментирајќи за тензиите на релација „Бела палата“ и „Мала Речица“. Тој е убеден дека овие две партии функционираа како две глави на исто тело (змеј), и корумпирано здружно владееја цела деценија.

-Дури и како владејачки, по криминал и корупција коалициски партнери, тие функционирале со меѓусебни препукувања. На Запад ништо ново, што би се рекло. Воопшто и не ме чуди утре ден, согласно пратеничките мандати, да формираат пак владејачка коалиција, порачува Атанасоски.

Додава дека „пресметките во Белата палата се дека ДУИ ќе биде победник во т. н албански политички блок, па ќе мора по силата на приликата да формираат пак влада со шампионите од Мала Речица“.

-Сепак ова заострување оди во насока на нивно зголемување на гласачкиот потенцијал и веројатно доколку математиките го дозволуваат тоа, ДУИ да биде оставена во опозиција, а ВМРО-ДПМНЕ да проба да формира влада со Беса и Алтернатива, по ново!, истакнува аналитичарот.

Од денешен ракурс, вели Атанасоски, дека не може да се направи пресметка околу идната коалиција бидејќи има шпекулации дека ДУИ може да оди во предизборна коалиција со СДСМ.

-Како и да е, доколку постизборните резултати го наложат тоа, воопшто не се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направат коалиција со ДУИ, бидејќи се стари добри познаници и пријатели. И овие нивни меѓусебни препукувања ќе се заборават по старата народна поговорка „секое чудо за три дни, кај нас е еден“. Толку ќе биде и „чудото“ кај нив. Нивното гласачко тело и членството ќе си молчи бидејќи е клиентилистичко и од лични побуди, па така ќе нема кој да го постави прашањето на политички морал во однос на таа евентуална идна владеачка коалиција, анализира соговорникот.

Н.П.

Слични содржини