Пресечен меѓународен транспорт на дрога во Охрид, пронајдени околу 100 кг хашиш (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Околу 100 килограми хашиш вчера полицијата во Охрид пронајде во скопско комбе управувано од државјанин на Турција. Возачот е приведен, а против него ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Охрид, со цел определување мерка притвор.

Од МВР соопштија дека во 12:20 часот, во непосредна близина на градските гробишта во Охрид полициски службеници запреле товарно возило – комбе „цитроен“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ч.Б.(53), државјанин на Р.Турција. При извршен преглед на комбето, во задниот багажен простор, пронајдени се три големи картонски кутии и една полиетиленска торба во кои биле сместени 114 пакувања хашиш.

-По преземени мерки и активности е утврдено дека Ч.Б. пред околу две недели со авион пристигнал од Истанбул во Приштина, пa во Република Северна Македонија и во Скопје остварил средба со неколку лица за да го изврши транспортот на дрогата од нашата земја во Република Турција, се наведува во полициското соопштение.

Покрај ова, во текот на вчерашниот ден, како што информираат од МВР, извршени се претреси на подрачјето на Скопје, при што се лишени од слобода уште две лица и одземени се предмети за понатамошна постапка, а во консултација со Јавен обвинител кривичната пријава ќе биде проширена.

Слични содржини