Престрелка доведе до краток притвор на фудбалер на Милан

од Vladimir Zorba

Играчот од средниот ред на Милан, Тиемуе Бакајоко беше накратко приведен од полицијата во Милано, покажуваат аматерски видеа на социјалните мрежи. Станува збор за инцидент од 3 јули, појаснува „Газета дело спорт“. Се гледаат униформирани мажи како го вадат францускиот играч од автомобил и еден од нив го претресува. Во исто време, друг полицаец, во случајов жена, го вперила пиштолот во автомобилот од кој се верува дека бил Бакајоко.

Неколку секунди подоцна, според новинарот Танкреди Палмери, еден од службениците на редот му рекол на својот колега дека се работи за играч на Милан и дека имало грешка. Веднаш потоа, Бакајоко навидум бил пуштен да си оди.

„Газета дело спорт“ објаснува што точно се случило: минути претходно дошло до престрелка меѓу сенегалски дилери на дрога. Полицијата започна потрага по осомничените, а автомобилот на Бакајоко во темна боја, со него и уште едно лице во тоа време, се совпадна со описите на очевидците. Дополнително, имаше и конкретни информации дека еден од инволвираните во пукањето бил облечен во зелено, што во случајот носел фудбалерот. Ова е причината поради која овој автомобил бил запрен.

27-годишниот спортист е во сопственост на Челси, но моментално е на позајмица кај „росонерите“ со договор на уште една сезона. Од вчера, пак, се појавија информации дека тој се договорил со Марсеј и ќе го напушти шампионот на Италија.

Слични содржини