Судскиот процес против поранешниот француски претседател Никола Саркози, обвинет за корупција, заврши вечерва во Париз, а судот ќе ја објави својата одлука на 1 март 2021 година, пренесе АФП.

„Оваа афера е раскрсница за мене, но ако е цената да се дојде до вистината – подготвен сум да ја прифатам“, рече поранешниот француски претседател пред крајот на рочиштето и завршните зборови на адвокатите на ко-обвинетиот во судскиот процес против Саркози Тиери Ерцог и поранешниот судија Гилберт Азибер.

„Ви ја кажав вистината во изминатите три недели, како и во притвор и за време на истрагата. Сè уште верувам во судството на нашата земја“, рече Саркози, кој е обвинет дека му понудил на судијата Гилберт Азибер профитабилна работа во Монако во замена за доверливи информации од истрагата за наводни незаконски плаќања за неговата претседателска кампања во 2007 година, добиени од сопственичката на „Лореал“, Лилиен Бетанкур.

Обвинителството побара четири години затвор за Саркози, поради корупција и злоупотреба на службената положба, од кои две се условни.

Исти казни се предложени за Азибер и Ерцог, со петгодишна забрана за професионална работа за Ерцог.

Шеесет и петгодишниот Саркози се повлече од политиката во 2016 година.

Саркози, потсетува Франс прес, беше мета на неколку правни истраги – од обвинувањата дека починатиот либиски претседател Моамер Гадафи ја финансирал неговата претседателска кампања во 2007 година до наводното примање мито од продажба на оружје во Пакистан.

Претходно оваа недела, поранешниот шеф на француската држава, во процес на корупција, ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека „никогаш не сторил ни најмал чин на корупција“, најавувајќи дека ќе оди „до крај“ за да ја измие дамката од неговото име од обвиненијата што му се припишуваат, објави Ројтерс претходно по изјавата на Саркози пред судот.

Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, им рече на обвинителите дека спроведуваат „лов на вештерки“, објави претходно Ројтерс.

Слични содржини