Претепаниот напаѓач на Села ќе биде преместен од Трауматологија во соодветна установа

од desk2

Министерството за здравство ургираше претепаниот, Стојан Павлески, да биде префрлен во соодветна установа, откако медиумите ги објавија апелите за помош од неговото семејство, огорчено дека повредениот не ја добива потребната грижа на Клиниката за Трауматологија. Од кабинетот на министерот, Венко Филипче, велат дека го посетиле Павлески и дека се увериле за тешката состојба во која се наоѓа.

-Констатиравме дека е навистина во тешка здравствена состојба. По консултација со вработените лица, како и со семејството договорено е пациентот да се префрли во Геронтолошкиот завод каде би добивал нега и третман што се соодветни за состојба во која се наоѓа – велат од Министерството за здравство.

Иако семејството се жалеше дека Павлески на Трауматологија не го добива потребниот третман, дека роднини, а не персоналот се грижат за него, од Министерството велат дека лекарите го третирале соодветно.

-Утврдено е дека додека се наоѓа на овој оддел, лекарите соодветно го третирале и дека никогаш не била одбиена работна задача од страна на персоналот – додаваат од таму.

Павлески беше осуден на условна казна затвор за учество во нападот врз пратеникот, Зијадин Села, на 27 април. На крајот на октомври тој бил брурално претепан од страна на три лица кои се уште не се идентификувани.

Деновиве семејството реагираше на социјалните мрежи, со апел до министерот за здравство, да се заинтересира за случајот, бидејќи тврдеа дека Павлески полека умира на Трауматологија затоа што не ја добива потребната нега. Тие тврдат дека дури месеци откако беше претепан, на Павлески му се констатирани скршеници и излив на мозок, дека неподвижен лежи на Клиниката, како и дека има загноени рани кои ретко се преврзуваат./fokus

Слични содржини