Претераното гледање телевизија го загрозува здравјето на мозокот

од Stefanija Kuzmanovska

Луѓето кои гледале премногу телевизија во средните години доживеале поголем пад на когнитивните способности во староста.

Истражувачи од Универзитетот во Алабама при Бирмингем и Универзитетот Колумбија во Њујорк, ги истражувале навиките на гледање телевизија кај група волонтери на возраст од 50 до 80 години.

Откриле дека прекумерното седење пред екранот за време на средната возраст може да доведе до когнитивен пад и намалување на големината на мозокот подоцна во животот, пишува Live Science.

Оние кои претерано гледале телевизија во средните години, имале пад на когнитивната функција до 70-тите години за 6,9 проценти и 0,5 проценти помалку сива маса во мозокот во споредба со оние што гледале помалку телевизија.

Сивата маса е дел од нашиот мозок во кој се сместени повеќе од 75 милијарди неврони, што би било приближно 3/4 од вкупниот број на неврони во мозокот. Скоро сите наши физички и интелектуални способности зависат од сивата маса.

„Вклучувањето на поздрави навики во секојдневниот живот, особено во средната возраст и ограничувањето на времето поминато пред екранот е важно за здравјето на мозокот подоцна во животот“, велат истражувачите, и додаваат:

„Когнитивните способности вклучуваат меморија, размислување, расудување, комуникација и решавање на проблеми, а со зголемувањето на очекуваното траење на животот доаѓа до зголемување на когнитивното оштетување и деменција“.

Секоја година во светот се дијагностицираат повеќе од седум милиони нови случаи на деменција, а до 2050 година тој број може да се зголеми за повеќе од 200 проценти.

Иако не постои лек за деменција, неодамнешно истражување покажа дека скоро 40 проценти од дијагнозите ширум светот може да се спречат или барем да се одложат со поздрав начин на живот.

Слични содржини