Претседателот на Франција во прва посета на Хрватска

од Milan1

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска и утре ќе престојува во прва посета на Хрватска, каде што ќе ја потврди продажбата на авионот „Рафал“ и ќе потпише стратешко партнерство.

Како што претходно објавија француските медиуми, повикувајќи се на извори од Елисејската палата, Макрон ќе биде првиот француски претседател кој ќе ја посети Хрватска од нејзината независност.

Во мај, со цел да ја модернизира својата воена авијација, Хрватска најави купување на 12 авиони „Рафал“ од францускиот производител „Дасо Авиејшн“, пренесува Бета.

Договорот е вреден околу милијарда евра и е најголемата нарачка за оружје на Хрватска од нејзината независност од распадот на поранешна Југославија, додаваат француските медиуми.

Мини европска турнеја

Агенцијата Хина објави дека Макон ќе пристигне во среда навечер и дека во четврток ќе разговара со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.

Хрватска и Унгарија се две земји од Европската унија кои Макрон се уште не ги посетил од почетокот на неговиот петгодишен претседателски мандат, кој започна во мај 2017 година.

По Хрватска, Макон ќе престојува во Италија за да разговара со тамошните официјални лица, а во Ватикан ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско.

Од Елисејската палата изјавија дека целта на таа мини европска турнеја е подготовка на француското претседателство со Европската унија, кое ќе започне на 1 јануари 2022 година, а дека следната година се планирани претседателски избори во Франција.

Слични содржини