Претседателот Пендаровски го прошета Пахор низ Стариот дел на Охрид

од Aleksandar Petrovski

Вториот ден од официјалната посета на словенечкиот претседател Борут Пахор на С.Македонија е резервиран за посета на Охрид, каде што заедно со неговиот домаќин претседателот Стево Пендаровски се во обиколка на неколку позначајни кулутурно-историски споменици во градот.

Пендаровски и Пахор прошетката низ Стариот дел на Охрид ја почнаа со посета на црквата „Света Богоридица Перивлепта“ и Галеријата на икони. Обиколката на Охрид заврши со посета на катедралната црква „Света Софија“.

Високиот гостин од Словенија заедно со претседателот Пендаровски после прошетката се упатија кон Кампот за обука на вода на Армијата на Северна Република Македонија, каде ќе присустуваат на показна вежба на припадниците на специјалните сили на Армијата.

На вежбата ќе бидат демонстрирани постапки што се применуваат во ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во акцијата во која ќе бидат ангажирани и летала од воздухопловната единица на Армијата ќе биде презентирана и физичката подготвеност и вештините на припадниците на елитната армиска единица.

Охрид веќе втор ден е во посебен сообраќаен режим, спроведени се темелни активности за физичко и сообраќајно обезбедување на улиците каде ќе минува делегацијата со словеченкиот претседател. Главните сообраќајници низ градот што се резервирани за протоколот од синоќа се целосно испразнети, а паркираните автомобили отстранети од коловозите.

На првиот ден од официјалната посета вчера во Скопје претседателот Борут Пахор беше пречекан со највисоки државни и воени почести од страна на претседателот Стево Пендаровски, по што двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, заедничка прес-конференција и положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас. Словенечкиот претседател се обрати на седница во Собранието на Република Северна Македонија, а оствари и средби со претседателите на Собранието и на Владата, Талат Џафери и Зоран Заев.

Слични содржини