Претседателот Пендаровски: Крајна цел е дипломираните студенти да ги задржиме тука – Почнува програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“

Претседателот Стево Пендаровски преку видео – врска се обрати пред учесниците на програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“, која официјално почнува денеска, а се одржува под негово покровителство.

Претседателот Пендаровски порача дека се работи за млади луѓе кои ја заслужуваат и ќе ја оправдаат довербата, а на државата останува обврската да им овозможат услови на овие млади луѓе кои сакаат да останат во државата, да ја добијат првата шанса тука.

Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија. Во неа учествуваат дваесет млади луѓе и осум компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите лица да имаат можност да стекнат нови, практични знаења. Во наредните два месеца програмата предвидува обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, вебинари, подготовка на студија на случај и посета на различни сектори во рамки на компаниите.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Најпрво, дозволете да ги поздравам сите дваесет учесници, кои навистина во многу силна конкуренција на талентирани млади луѓе, беа избрани и станаа дел од оваа програма. Честитки до сите вас!

Дозволете да се заблагодарам на претседателот на Советот за странски инвеститори, Штефан Петер, и на сите осум успешни компании – учеснички, кои со овој, општествено одговорен чекор, ги ставија на располагање своите капацитети, и прифатија да дадат придонес во дооформувањето на млади менаџери и бизнис лидери, кои ќе ги препознаат светските трендови и ќе бидат додадена вредност во развојот на нашата држава.

Сакам да ги охрабрам во оваа прилика и сите останати кандидати кои аплицираа и покажаа интерес да бидат дел од програмата, да не се откажуваат и да ја искористат идната шанса, која ќе ја има наскоро. Континуираното учење и усовршување, стекнување на нови знаења, вештини и искуства е единствената гаранција за постигнување максимален успех. Интересот што сите вие го покажавте е доказ дека вашата желба за лично надградување е посилна од пандемијата со која се соочуваме.

Неспорен факт е дека младите се најголемиот капитал на секое општество. Затоа, наша заедничка должност, на државните институции, на образовните институции, но и на бизнис заедницата, е да вложуваме и инвестираме во креирање на амбиент во кој младите ќе имаат можност за своја реализација. Живееме во динамично време во кое светот се менува многу побрзо од порано. Како велат: денес, единствена константа се промените. Затоа е неопходно да градиме кадри кои ќе бидат подготвени за новите и брзи промени. Предуслов за тоа е да имаме систем кој ќе ги подготвува младите да решаваат проблеми, да креираат функционални политики и да менаџираат со состојбите, наместо да меморираат готови решенија, кои не можат да се применат затоа што најчесто немаат контакт со реалноста.

Пандемијата на Ковид-19 со која се соочуваме, е само последниот поучен пример за сите нас, од кој можеме многу да научиме.

Ваквите проекти не претставуваат замена за образовниот систем, но, треба да ја добијат нашата поддршка, затоа што се значаен додадок на теоретското образование и можност студентите да бидат директно вклучени во процесите, во креирањето на  политиките и во функционирањето на соодветни сектори во компаниите. Така што, од оваа програма ќе има двоен бенефит. Од една страна, компаниите ќе имаат можност да ги чујат размислувањата на младите, а, младите кадри ќе имаат можност да стекнат нови, практични знаења.

Крајната цел на сите нас е дипломираните студенти да ги задржиме тука и заради тоа треба да дадеме предност на квалитетот и професионалноста над импровизацијата и полтронството. Само на тој начин ќе спречиме емиграција на квалитетни и способни кадри.

Верувам дека ќе бидете на висина на задачите што ќе ви бидат доверени, со што ќе го оправдате вашиот избор. Сигурен сум дека и компаниите ќе има што да научат од вас и соодветно ќе го искористат вашиот потенцијал. Можеби токму вашите идеи ќе бидат инспирација за развој на идни бизнис планови, како што вие, верувам ќе бидете инспирација за други ваши колеги во иднина да бидат дел од вакви и слични програми на вмрежување.

На крајот, сакам да истакнам дека ми претставува навистина чест и задоволство што сум покровител на програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“. Ви посакувам успешна работа и искрено се надевам дека ќе се сретнеме за два месеца на доделување на сертификатите, каде очекувам да ги чујам вашите лични импресии и стекнатите искуства.

Слични содржини