Претставата „Каде е пиштолот“ изведена на „Охридско лето“

од Vlatko K

Модерна приказна со силна егзистенцијалистичка позадина донесе синоќешната театарска претстава „Каде е пиштолот“ на текст од Габор Ѓореј и во режија на Дејана Николовска, а одиграна од актерите на Народниот театар од Охрид на фестивалот „Охридско лето“.

Охридските актери Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев и Стрезо Стаматовски на мошне сатиричен начин ја доловија човечката дуална природа играјќи помеѓу позициите на репресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејството.

– Во затворениот простор на сцената, четворица луѓе седеа, а петтиот вперуваше пиштол во нив и не ги пушташе да излезат од собата. Цело време додека траеше дејството четири ликови ја посакуваа слободата, не чувствувајќи се добро внатре, а петтиот, оној кој го имаше пиштолот уживаше во тоа да ги држи како заложници. Пиштолот беше извор на сите проблеми, се вели во соопштението на НУ Охридско лето.

Сценограф, костимограф и дизајн на светло во претставата е Милена Пантелеева, музиката е на Гаро Ашикјан. Кореографијата е на Асја Иванова, драматург е Кристина Тодороска Петреска, инспициент Филип Ангеличин-Жура, а технички раководител Зоран Левески.

Габор Ѓоргеј е унгарски писател, драматург, режисер. Помеѓу 2002-2003 година бил министер за култура на Унгарија. Тој бил уредник на бројни литературни списанија во Унгарија, член е на Унгарскиот ПЕН клуб. Бил главен драматург во Националниот унгарски театар, резидент во Мадаш Театар, како и на Панониа филм студио. Автор е на повеќе од литературни дела (драма, поезија, новели) а со пиесата „Каде е пиштолот”, која се игра на многу меѓународни сцени, стекнува интернационално реноме.

Слични содржини