Претставник на ЕУ: Србија утре во Прага треба да објасни зошто не воведува санкции кон Русија

од Nikola Popovski

Се очекува Србија на првиот состанок на европската политичка заедница во Прага да им објасни на лидерите на ЕУ и другите земји зошто иако преговара за членство со ЕУ, не воведува санкции врз Русија.

Така изјави денеска во Брисел висок функционер на Европската комисија.

Претставникот на ЕК изјави дека не се планира посебна дискусија за позициите на Србија во однос на санкциите против Русија, но подвлече дека некои членки на ЕУ му придаваат значење, „иако Белград нема да биде ставен на обвинителна клупа на состанокот“.

Изворот од Брисел повтори дека ставот на Унијата е дека Европската политичка заедница нема и не може да биде замена за процесот на проширување на ЕУ, бидејќи тоа е сосема поинаква процедура заснована на усвојување на „acquis“ и правила и стандарди на Унијата.

Според неговото објаснување, практично сите земји од ЕУ воведоа санкции кон Русија, но има земји кои не го сторија тоа целосно, а постои силно барање од огромното мнозинство членки на ЕУ да го направат тоа сите, вклучително и земјите кои преговараат членство во ЕУ.

Целта на започнувањето на европската политичка заедница е, како што рече, да се соберат и обединат земјите од Унијата, како и соседните земји, од Исланд до Турција, околу заеднички вредности и мерки и политики, а се очекуваат договори за енергија, клима, економска криза на стариот континент.

Премиерите на Холандија и Албанија, Марк Руте и Еди Рама денеска во заеднички едиторијал на бриселскиот портал Политико, по повод отворањето на Европската политичка заедница, подвлекоа дека „стариот континент мора сам да си ја одреди иднината и единствениот начин е да дејствуваме заедно како демократски членови на европското семејство“.

Според мислењето на Руте и Рама, прашањата од важност за сите, од војната во Украина, до енергетската зависност и безбедноста на храната, мора да бидат во центарот на дискусијата.

Слични содржини