Презентирани иновативни студентски проекти од програмата INNO SAE

од Vladimir Zorba

Триесетина студенти од неколку различни факултети на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска, во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ ги презентираа своите иновативни проекти реализирани од студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere INNO SAE.

На презентацијата присуствуваа Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.

„Идејата на ИНОФЕИТ е да овозможи потесна соработка на образовните институции и компаниите. Овој настан е мал придонес во овој правец на развивање иновативни идеи од студенти од различни факултети на УКИМ. Исто така, како факултети, неопходно е да се трансформираме и да бидеме на располагање на општеството и економијата со нови технолошки решенија. Во ИНОФЕИТ имаме 25 истражувачи и сакаме да ги вклучиме младите студенти да изучуваат и креираат иновации“ , порача деканот на ФЕИТ, Ташковски.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање, истакнувајќи дека ретко се среќава ваква меѓу-институционална и меѓуфакултетска соработка, нагласи дека ваков интердисциплинарен пристап е попродуктивен. Порача дека на овој пионерски потфат треба да се угледаат и други универзитети од целата држава.

„Да им дадеме само шанса, простор, време и ресурси на овие млади умови и само треба да ги следиме, ништо повеќе од тоа“, рече претседателот Пендаровски.

Слични содржини