Почетна / Актуелно / Примерните затвореници ќе посетуваат културно-уметнички настани

Примерните затвореници ќе посетуваат културно-уметнички настани

Културно-уметнички содржини за осудениците во Затворот во Шутка предвидува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа министерот за култура Роберт Алаѓозовски и директорот на КПУ Затвор Скопје, Ѓоко Котевски.


Како што појасни министерот Алаѓозовски, со мерките се предвидуваат посети на културно уметнички настани за најпримерните осуденици, збогатување на библиотеките, организирање работилници и културно уметнички настани за самата установа од осудениците и со гости уметници.

– Со овие активности не само што ќе овозможиме подобра ресоцијализација и подобра атмосфера во оваа установа, туку со подобрувањето на условите придонесувме и кон исполнување на меѓународните стандарди во местата каде што престојуваат лица лишени од слобода, истакна Алаѓозовски.

Тој најави дека Министерството е расположено да им помогне на казнено поправните установи во оваа насока и доколку оваа пилот програма се покаже како успешна да се примени и во другите казнено поправни установи во Македонија.

Директорот на затворот појасни дека Меморандумот опфаќа и активно вклучување на осудените лица во проекти за изучување на одредени вештини, како што се копаничарството, вајарството, сликарството, за кои, како што рече, ќе бидат обучени осудените лица за периодот по излегување од затворите.
– КПУ Затворот Скопје работи активно на повеќе програми и повеќе проекти. Во соработка сме со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование, потпомогнати од УНДП за рестартирање на нашата столарска и браварска работилница, за перофесионална доградба и ангажман на нашите осудени лица, рече директорот Ѓоко Котевски.

Новата мерка ќе почне со реализирање на посета на културно уметнички манифестации, а подоцона со здруженија на граѓани и институции кои ќе понудат помош ќе се почне и со најавените работилници во кои ќе учествуваат затворениците. Затворот е формиран и почна со работа во 1968 година и ова е прва ваква мерка која се воведува како културно уметничка програма.