Принцот Хари и Меган Маркл ќе бидат поканети на крунисувањето на кралот Чарлс III на 6 мај

од Vladimir Zorba

Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл ќе бидат поканети на крунисувањето на кралот Чарлс Трети, а организаторите планираат да бидат присутни на овој историски настан, открива британскиот таблоид Сан.

Според британскиот весник, се очекува двојката да присуствува на церемонијата на 6 мај, и покрај стравувањата дека би можеле да го засенат историскиот момент со „незгодно семејно обединување“.

Кралското семејство сè уште се оптеретува од скандалот со објавувањето на автобиографската книга на принцот Хари „Резерва“, во која тој откри некои од најинтимните детали од неговиот живот и животот на кралското семејство, вклучувајќи го и ривалството со принцот Вилијам.

Познавачите на организацијата на церемонијата за „Сан“ изјавија дека нема предлози од Бакингемската палата за исклучување на Хари и Меган од тридневниот настан што ќе го одбележи крунисувањето на Чарлс Трети.

Со оглед на тоа што поканите за 90-минутното шоу на Вестминстерската опатија треба да излезат овој месец, добро информиран извор вели дека војводата и војвотката од Сасекс ќе бидат на листата на гости од 2.000 лица на кралското семејство, која вклучува голем број светски лидери и високи официјални лица од различни земји.

„Тие дефинитивно ќе бидат поканети, а ние се базираме на претпоставката дека ќе дојдат“, изјави за британскиот таблоид еден од официјалните лица вклучени во планирањето на крунисувањето.

Тој додаде дека се надева дека двојката ќе пристигне во Британија пред 6 мај за да избегне „непријатна прва средба со семејството што ќе го наруши историскиот ден“.

Како што наведе, тридневната церемонија ќе опфати низа поворки, а кралот двапати ќе се појави на балконот на палатата.

По богослужбата, новокрунисаниот крал и кралицата ќе учествуваат на големата свечена парада позната како поворка за крунисување.

Церемонијата на крунисувањето на кралот Чарлс III ќе се одржи на 6 мај 2023 година во Вестминстерската палата, а покрај него ќе биде крунисана и неговата сопруга кралицата Камила.

Кралот Чарлс III го презеде тронот по неодамнешната смрт на кралицата Елизабета Втора.

Ова ќе биде прва церемонија на крунисување по 70 години, кога Елизабета Втора го презеде тронот во јуни 1953 година.

Слични содржини