Приштина: Со војската се заокружува државноста на Република Косово

од desk2

Владата на Косово им го честита на своите граѓани формирањето на војската на Косово, воедно порачувајќи му на НАТО дека од денеска таа организација се стекна со еден верен и посветен сојузник.

Соопштението од кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај уследи по денешното изгласување на законите со кои Косово доби војска, како и по реакцијата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој изрази жалење што косовската војската се формира „и покрај загриженоста“ на Алијансата поради „избрзаната одлука“ на Приштина.

Според Владата на Косово, право на оваа држава е да има војска, „една мултиетничка и професионална сила изградена според стандардите на НАТО“.

– Владата на Косово цени дека правото на Косово за војска, за една мултиетничка и професионална сила изградена според стандардите на НАТО, извира од жртвите и слободата, од правото на државата, од суверенот, граѓанската волја за да се брани и да ги промовира прозападните вредности во Косово и пошироко. Косово е НАТО и НАТО е Косово. Во тоа никој да не се сомнева, се вели во владиното соопштение.

Владата на Харадинај гарантира дека косовската војска, „заедно со сојузниците од НАТО, ќе биде единствено во служба на демократијата, безбедноста, мирот и развојот на Косово, регионот и каде и да е потребно“.

– Спомнувајќи ги и почитувајќи ги сите мажи и жени кои дадоа големи жртви за нашата слобода и нашата држава и изразувајќи признание за мисијата на НАТО, КФОР, на сите воени трупи на земјите сојузнички: САД, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и на сите земји кои придонесоа за мирот во Косово, Владата на Косово нагласува дека денеска се крунисува патешествието за целосна и внатрешна државна консолидација на Република Косово, се вели во соопштението.

Косовското Собрание денеска, со гласовите на сите пратеници, освен на претставниците на Србите од партијата Српска листа, ги усвои законите со кои досегашните Безбедносни сили на Косово практично се трансформираат во војска на Косово.

Слични содржини