Прислушуваните новинари ќе бараат одговорност

од Vladimir Zorba

Откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја објави четвртата „бомба“ од прислушкувани разговори за кои тврди дека власта на чело со УБК, прислушувале над стотина новинари, новинарите добија папки со преписки од прислушуваните разговори, пренесува ТВ Нова.

Новинарите Борјан Јовановски, Биљана Секуловска, Горан Михајловски, Катерина Блажевска, Сашка Цветковска, Мери Јордановска, Јадранка Костова, Младен Чадиковски, Оливера Трајковска, Мухамед Зекири, Снежана Лупевска, Насер Селмани, Бранко Героски, Жарко Јордановски, Ирена Мулачка се само дел од стотината следени новинари од страна на тајната полиција.

Дел од нив, по пресот на Заев изјавија дека се згрозени од фактот што се тајно снимани подолг период.

„Запрепастува фактот дека прислушувани биле стотина новинари. Она што дополнително запрепастува ако може да се верува на она што го образложија од партијата е дека зад тоа стои УБК. Од она што можев да го видам начелно од документите што мене ми беа предадени, станува збор за исклучително долг период, некаде под затворањето на А1 па до некое скоро време„, вели новинарката Анета Додевска.

„Не се чувствувам пријатно. Папките покажуваат дека новинарите од А1 се следени и во периодот кога работела телевизијата и во периодот понатаму. Јас не знам дали тоа уште трае, но ако трае мора да престане. Новинарите во Македонија не се непријатели на својата држава и не се непријатели на својот народ. Дефинитивно ќе бараме одговорност за сето ова време во кое сме биле следени и слушани„, рече новинарката Сашка Цветковска.

„Јас сум згрозена од ова денеска што го чувме. Од она што можев да видам станува збор за периодот по затворањето на А1 телевизија и во периодов кога работев за „Фокус “. Имам чувство реално како да сме соголени пред државата дека ги издаваме не само нашите и приватни и службени информации , туку ги издаваме и лицата со кои сме разговарале. Тука се става под знак прашалник целото функционирање на овој систем, на транспарентноста на оваа власт и на сите методи со кои се служи власта се на ваков брутален, груб, суров и нехуман начин да се откријат новинарските информации„, изјави новинарката Мери Јордановска.

Дел од прислушуваните новинарите не ги изненади бомбата на Заев. Мухамед Зекири, главен уредник на телевизија Алсат вели дека новинарите треба да се горди затоа што успеале да го зачуваат критичкото мислење во време на ваква власт.

„Можам да кажам дека сум горд како што треба да бидат сите мои колеги кои биле преслушувани од оваа тоталитарна власт затоа што имале критично мислење. Ние треба да сме горди затоа што на време сме биле визионери и сме знаеле со кого си имаме работа. Но на ова мора да се стави крај, ние мора да пратиме порака дека сите ние сме Никола Младенов„, рече Мухамед Зекири главен уредник на телевизија Алсат.

„Не можам да речам дека сум изненадена. Мислам дека најголемиот дел од нас треба да се чувствуваат поразени, бидејќи денеска требаше да дојдеме и да слушаме аудио снимки како крунскиот доказ за тоа што секој од нас го тврдеше целиот овој период, особено дека во медиумскиот простор нас ни конкурира креирана вистина. Дека невозможно е ексклузивна фотографија, тонско парче да имаат во вестите сите три телевизии, беше јасно од каде се произведува вистината„, вели новинарката Оливера Трајковска./

извор: ТВ Нова

loading...

Слични содржини