Пристигна првата електрична Opel Astra

од Vladimir Zorba

Opel го претстави својот прв целосно електричен компактен хечбек и караван – Astra Electric и Astra Sports Tourer Electric.

Електричните верзии изгледаат речиси идентично со линијата Astra со SUS мотори, но имаат целосно електричен погон исто како сестринскиот Peugeot e-308.

Електричната Astra е придвижувана од преден електричен мотор кој произведува 156 КС (115 kW) и развива 270 Nm вртежен момент.

Иако моќноста е иста како кај Peugeot e-308, вртежниот момент е зголемен за 10 Nm.

Возачот може да избере помеѓу три режими на возење – Eco, Normal и Sport – давјќи приоритет на опсегот или перформансите, во зависност од потребата.

Компанијата не ги откри податоците за забрзувањето, но се наведува дека максималната брзина е ограничена на 170 km/h. Ќе биде интересно да се види дали Astra Electric ќе биде побрза на правци (0-100 km/h) од помоќната plug-in хибридна Astra GSe.

Литиум-јонската батерија од 54 kWh има доволен капацитет за WLTP автономија од 416 km, и во хечбекот и во караванот.

Со помош на брз DC полнач од 100 kW, батеријата може да се наполни до 80% капацитет за 30 минути.

Opel тврди дека ставањето на батеријата под каросеријата не го намалува просторот за патниците и багажот.

Сепак, Astra Sports Tourer Electric има капацитет на багажникот помеѓу 516 и 1.553 литри, додека еквивалентот со погон на SUS има 608-1.634 литри.

EV ќе им се придружи на бензинските и plug-in хибридните варијанти на Opel Astra следната година, а нарачките ќе бидат отворени во пролетта 2023 година. Цените ќе бидат објавени поблиску до лансирањето на пазарот.

Исто така, се шпекулира за целосно електрична хот хеч варијанта на Astra, која ќе се најде над plug-in хибридната GSe варијанта.

Слични содржини