Приватните автобуски превозници бараат помош од Владата или ќе ги редуцираат автобусите

од Берта Китинска

Поради зголемување на цената на метанот, приватните превозници се соочуват со економска штета и нормално функционирање на автобусите. Неопходно е Владата да интервенира со одредени активности или субвенции што ќе им помогнат да ја совладаат оваа состојба, апелираше денеска директорот на приватното претпријатие „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Според истражувањето што го направил Јовановски, поскапувањето на метанот во Македонија било најголеми и сега земјата е на врвот на листата во Европа каде што се плаќа најскап компресираниот природен гас.

„Имаме 21 автобус кој вози на метан и со сегашната цена на горивото нема да можеме да издржиме. Затоа бараме Владата да ни даде субвенции, нека ни даде од оние 3 денари еколошка такса што ја собираат. Ќе доставиме барање и до Град Скопје. Градот и Владата мора да најдат решение, двете институции се надлежни. Не може Владата да каже дека не се надлежни, па Скопје е цела Македонија“, вели Јовановски.

Помош од Владата минатата недела побара и ЈСП „Скопје“.

Слични содржини