Приватните превозници утрово се обиделе да ги блокираат гаражите на ЈСП Скопје?

од Nikola Popovski

Приватните превозници од „Слобода превоз“ се обиделе да го блокираат излезот на автобусите на ЈСП Скопје пред гаражите, дознава „Локално“.

Според информациите, имало обид за блокада на гаражите на ЈСП во Ѓорче Петров и Автокоманда.

„Автобусите на ЈСП излегуваат од гаражите во 4 часот наутро, но возачите добиле наредба да ги извадат два часа порано“, дознава „Локално“ од извор во ЈСП Скопје.

Веќе петти ден како трае штрајкот на превозниците од „Слобода превоз“, придружени од „Макекспрес“. Проблемите меѓу ЈСП и приватните превозници предизвикаа хаос во јавниот превоз во главниот град.

Градоначалничката Данела Арсовска вчера обвини дека „превозниците наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале, односно „најверојатно се ставале во нечиј џеб и после фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец и дека оваа шема трае пет години“.

По Арсовска, вчера со прес-конференција излезе и директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој ги демантираше обвинувањата на градоначалничката на Скопје.

-Најодговорно тврдам дека „Слобода превоз” од воведувањето на системот, а и никогаш претходно, не била таа која што продавала билети за превоз. За билетите, од набавка, продажба и колетирање на парите исклучиво е надлежно Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Ниту еден приватен превозник не продава билети во своите автобуси на каков било начин, нагласи Јовановски.

-Јас не можам да разберам како може една институција како што е Град Скопје, како што е институцијата Градоначалник на Град Скопје да си дозволи да изнесува вакви невистини со дефокусирање и со обвинувања коишто се сериозни и за коишто ние како компании, коишто сме споменати, во консултација со адвокатски канцеларии ќе поднесеме тужби за клевета и за нарушување на угледот, потенцираше Јовановски.

Од „Слобода превоз“ бараат да им се исплати долгот од ЈСП, кој според нив, изнесува над 1,5 милиони евра.

Приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ функционираат со 15 автобуски линии.

Слични содржини