Привремено запрено испитувањето на вакцината на „АстраЗенека“ врз деца

од Stefanija Kuzmanovska

Универзитетот Оксфорд привремено ги запре испитувањата на вакцината на „АстраЗенека“ на деца и тинејџери поради загриженост за згрутчување на крвта, пишуваат британските медиуми.

Испитувањата за вакцини кај деца на возраст од шест до 17 години се запрени, бидејќи потенцијалните врски со ретки крвни згрутчувања во одредени категории на возрасни се уште не се разјаснети.

Универзитетот Оксфорд, чии научници ја развија вакцината „АстраЗенека“, во февруари започна истражување на деца на возраст од 6 до 17 години. 300 волонтери се пријавија за истражувањето.

Регрутирањето на нови волонтери е запрено во овој момент, но од Универзитетот Оксфорд велат дека за време на испитувањето „немало загриженост за безбедноста“.

Регулаторите во Велика Британија и Европската унија изјавија дека таканаречената Оксфордска вакцина е „безбедна и ефикасна“, но истовремено ги следат реакциите на оние кои биле вакцинирани со оваа вакцина.

Слични содржини