Словачкиот премиер Роберт Фицо (СМЕР) денеска отпатува за Москва со владин авион по заобиколна јужна рута, откако Естонија, Латвија и Литванија одбија да му дозволат прелет над нивната територија.
Според словачкиот весник Денник Н, летот на Фицо се одвива преку Унгарија, Романија, Црното Море, Грузија и Руската Федерација. Авионското поаѓање од Братислава беше планирано по 15:00 часот, а пристигнувањето во Москва е предвидено за 20:26 часот по средноевропско летно време. Иако патувањето до руската престолнина обично трае околу два и пол часа, поради алтернативната рута, летот ќе трае повеќе од пет часа.
Заедно со премиерот, во авионот патуваат и двајца европратеници од партијата СМЕР, како и еден пратеник од словачкиот парламент.
Фицо, кој ќе учествува на одбележувањето на 80-годишнината од поразот на фашизмот, изјави дека поради компликациите со воздушниот простор, нема да може да присуствува на настаните планирани за четврток вечер во Москва. Тој ја оцени одлуката на балтичките земји како „намерен обид да се спречи неговата посета“.
Во петок, словачкиот премиер треба да положи венец на Гробот на непознатиот војник и да присуствува на воената парада на Црвениот плоштад – како единствениот лидер од Европската унија што ќе биде присутен. Планирани се и средби со претседателите на Русија, Кина, Бразил и Виетнам.
Посетата на Фицо предизвика остра реакција во Словачка. Опозициските партии ја осудија неговата одлука, додека шефицата на европската дипломатија Каја Калас предупреди дека посетата на земја која воено ја напаѓа Украина „нема да биде без последици“.
Во знак на протест, граѓанската иницијатива „Мир за Украина“ во средата постави голем натпис „Збогум Фицо“ на земјиштето покрај аеродромот во Братислава. Во четврток иницијативата соопшти дека натписот бил отстранет преку ноќ.