Продолжен притворот за двајцата Срби осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ

од desk2

Приштинскиот суд им го продолжи денеска за два месеца притворот на припадниците на косовската полиција Недељко Спасојевиќ и Марко Рошиќ, осомничени за вмешаност во убиството на лидерот на партијата Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда, Оливер Ивановиќ на 16 јануари 2018 година.

Адвокатот на Спасојевиќ и Рошиќ, Негован Шарановиќ информира дека од вчера неговите клиенти стапиле во штрајк со глад, затоа судот го одби нивното барање за преместување од притворот во Подујево во оној во Митровица.

Спасојевиќ и Рошиќ беа уапсени во голема акција на косовските специјални единици РОСУ, на 23 ноември минатата година. Во акцијата, како што беше објавено, било пронајдено илегално оружје и „други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.

Според обвинителството, Спасојевиќ и Рошиќ се сомничат како припадници на криминална група кои извршиле кривично дело „помагање во тешко убиство“.

Оливер Ивановиќ, кој беше еден од лидерите на косовските Срби, беше убиен на 16 јануари минатата година во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија.

Слични содржини