Продолжува расправата за избор на уставни судии: „Јовески нема да помине“, порача ВМРО-ДПМНЕ

од Берта Китинска

Собранието денеска треба да продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, на која се дискутира за кандидатурата за уставен судија на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, предложен од страна на владејачките партии.

„Тоа јавно ви го кажуваме, и на медиумите и на сите им е јасно дека Љубомир Јовески нема да помине, освен ако вие како претседателка не направите некој преседан, односно познавајќи ве како личност сметам дека такво нешто нема да дозволите ако не бидете принудена од одредени структури во вашата партија нешто насила да се донесе. Се надевам дека тоа нема да го гледаме“,рече пратеничката Благица Ласовска oд ВМРО-ДПМНЕ во процедурално обраќање.

Таа го повтори ставот на нејзината партија, владејачкото мнозинство да ги повлече актуелните предлози, да се смени начинот на избор на уставни судии и да се повика стручната фела да предложи кандидати за уставни судии.

Од предложените шест кандидати за уставни судии на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ниту еден не доби поддршка. Партијата ги предложи Саво Климовски, универзитетски професор, Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска и професорка Родна Живковска.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.

Слични содржини