Продолжува судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

од Nikola Popovski

Денеска во 10 часот во Основниот суд во Тетово треба да се одржи рочиште во судскиот процес за пожарот во тетовската модуларната болница. Судењето требаше да почне на 6 септември, но беше прекинато поради тоа што двајца од тројцата обвинети не беа присутни, а исто така немаше ниту претставник од Клиничката болница, туку имаше само овластен застапник. Од обвинетите, присуствуваше само поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими со свој адвокат, додека Артан Етеми, кој во тој период беше економски директор на болницата и д-р Бобан Вучевски беа отсутни.

Основното јавно обвинителство Тетово во јули годинава до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице во врска со пожарот во Модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 лица.

Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик – стои во соопшението од Обвинителството.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Откако беше добиено вештачењето од МВР, се чакаше и германското вештачење.

Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.

Слични содржини