Продолжува судењето за „Таргет-Тврдина“, денешното рочиште затворено за јавноста

од Stefanija Kuzmanovska

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Таргет-Тврдина”, но рочиштето е затворено за јавност, поради сослушување на сведок поранешен вработен во Управа за безбедност и контраразузнавање УБК.

Случајот за незаконското следење на комуникациите „Таргет Тврдина“ се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Џенета Бектовиќ, а застапници на обвинението се Артан Ајро и Трајче Пеливанов.

Досега во оваа постапка имаат сведочено свиркачите Звонко Костовски и Ѓорѓи Костовски, поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски, поранешниот премиер Зоран Заев и други лица.

Обвинети во овој предмет за нелегално прислушување се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешна министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и други лица од УБК.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Слични содржини