Продолжува успешната соработка со ЕИБ, има подготвеност за инвестиции во нови проекти

од Vladimir Zorba

Европската инвестициска банка ја продолжува поддршката на земјата и регионот, а подготвеност за инвестиции во нови проекти беше изразена денеска на средба меѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и потпретседателот на ЕИБ Лилјана Павлова, пред почетокот на Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по Ковид“.

Во Северна Македонија досега се инвестирани од страна на ЕИБ над една милијарда евра. Поддржани се повеќе големи инфраструктурни проекти во патната и железничката инфрастрктура, водоснабдувањето, енергетиката, отпадни води, а не изостанува и поддршката на малите и средните претпријатија со средствата што се пласираат преку Развојната банка на Северна Македонија.

На средбата е изразено задоволство од напредокот постигнат во изминатиот период во однос на реализацијата на кредитната линија за малите и средните претпријатија и се очекува до крајот на овој месец да бидат доставени барањата за исплата на првата транша од последната кредитна линија од 100 милиони евра, за што годинава беше потпишан договор. Со договорот се очекува да се обезбеди финансиска поддршка за најмалку 300 проекти на малите и средините претпријатија, а е во насока на поддршка на економско закрепнување на малите и средни претпријатија во земјава.

Министерот за финанасии Фатмир Бесими изрази благодарност за поддршката што ја даде ЕИБ во процесот на пристапување во ЕУ и изрази верување дека успешната соработка ќе продолжи и во наредниот период.

На средбата беше посочено дека постои подготвеност ЕИБ да ја прошири својата поддршка за енергетската ефикасност, одржливата мобилност и дигиталните проекти на Западен Балкан и Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестициски план на ЕУ, како и областа на справување со пожарите.

-Ни претставува задоволство што постигнавме договор околу нашите заеднички приоритети за Република Северна Македонија, а тоа се поддршка за економско заздравување, модел на позелена, инклузивна и поодржлива економија. Исто така, подготвени сме да обезбедиме финансиска поддршка и технички совети за воспоставување финансиски инструменти во земјата во корист на приватниот сектор, истакна на средбата потпретседателот на ЕИБ за Западен Балкан, Лилјана Павлова.

Изразена беше поддршка и на напорите на Владата во користењето на зелениот одржлив економски модел во реализација на приоритетните проекти кои се дел од Економскиот инвестициски план, усвоен од ЕК во 2020 година, а кој обезбедува долгорочно закрепнување и развој на регионот, како што е поддршка во реализацијата на третата фаза од железничкиот коридор 8 кон Бугарија, изградбата на пречистителната станица во Скопје, гасно поврзување со Република Грција, за кои проекти во најава е обезбедување и на грант финансирање од ВБИФ инструментот на Европската унија.

Слични содржини