Продолжуваат билатералните средби, се бараат 80 пратеници за Законот за Јавно обвинителство

од Aleksandar Todeski

Министерката за правда, Рената Дескоска и денеска ги продолжува билатералните средби со парламентарните групи, а со цел да се дојде до дво-третинско мнозинство, со што предизборно би се донел Законот за Јавно обвинителство, откако ВМРО-ДПМНЕ ниту до последниот рок, во неделата вечерта, не поднесе амандмани за Законот.

Фото: Локално

Иако беше најавена, вчерашната средба на парламентарните групи не се одржа, поради неподнесувањето амандмани од најголемата опозициска партија, а на која требаше да се дојде до консензус за Законот.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев вчера кажа дека ако не се донесе Законот за Јавно обвинителство, Собранието нема да се распушти.

„Доколку опозицијата се обиде да го минира законот за ОЈО, Собранието нема да се распушти. Нема одложување на изборите. На 12 април се изборите. Убаво е да се распушти Собранието како што налага законот“, рече Заев.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, овој Закон треба да биде подготвен од страна на професори и експерти, а не политичари, па затоа тие не поднеле амандмани.

„Единствен којшто може тој закон да го направи е експертот кој го посветил сиот свој живот во таа проблематика. И затоа велиме, овие шест имиња се имиња на професори, оставаме и владејачкото мнозинство да предложи имиња на професори и експерти коишто би учествувале во изработка на тој закон. Нека го изработат и ние се обврзуваме како политичка партија, тоа што ќе го изработат да го поддржиме“, рече Мицкоски.

Инаку, барањето Законот да биде подготвен од професори и експерти е ново барање од опозициската партија, а откако претходно тие ги блокираа преговорите со барање на нив да биде присутен и Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Нивните барања, како што тврди министерката Рената Дескоска, се да се укинат предметите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, а потоа ги презема Основното јавно обвинителство, а со цел ниту еден поранешен фунцкионер да не одговара за тешките кривични дела за кои се товарат.

А.Т.

Слични содржини