Продолжуваат реакциите: Дебата за францускиот предлог во Собранието

од Берта Китинска

На барање на дел од коалициските партнери во власта, според најавите, ќе се разговара и во Собранието.

Премиерот Ковачевски завчера бил на консултации со малите политички партии во врска со францускиот предлог.

На средбата ДОМ, ДС и ЛДП побарале сите документи, вклучувајќи го и протоколот да бидат преведени на македонски јазик и објавени и достапни за целата јавност.

Претседателот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски соопшти дека доколку утре се бара одлука на Влада за францускиот предлог, тој ќе биде против ваквата одлука.

-Ние уште немаме одлука на партиски органи. Ако се инсистира на брз процес, тоа нека се прави без нас. Ако нешто ветиле без наша согласност, тогаш нека се прави без нас. Ако ги почитуваат нашите ставови, тогаш треба да ни се даде простор да го искомуницираме тоа меѓу нас и со граѓаните, да видиме дали е прифатливо. Во овие околности, кога има дијаметрално спортивни размислувања за ист документ, нас ни е неопходно да ги видиме сите факти, со цел да не направиме некакви грешки при донесување во одлуката. Најголем проблем за нас е образованието и историјата. Нашиот став е во ЕУ да влеземе како Македонци, а не како втора бугарска држава, рече Милевски за ТВ 24 после средбата со претседателот Стево Пендаровски.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во изјава за „Локално“, вели дека за нејзината партија е неприфатлива ваквата верзија на предлогот и дека се зависи од содржината на билатералниот протокол.

-Билатералните прашања со Бугарија не треба да бидат дел од преговарчкиот процес.Особено оној дел од протоколот каде се споменуваат историските и прашањата поврзани за образованието. Ако е тоа дел од преговарачкиот процес тоа дефинитивно ќе не вовлече во една агонија на разговори наместо на владеење на правото, борбата против корупција, човековите права и итн.Да разговараме за историја тоа не е суштина на процесот на преговорите, појаснува пратеничката.

Во врска со македонскиот јазик пратеничката вели дека на средбата со премиерот било посочено дека тој е чист и дека тој ќе се користи без никакви дообјаснувања.
-Она што ни беше кажано е дека тој е чист и дека во рамките на ЕУ ќе се користи треминот македонски јазик без никакви други објаснувања, кажа Морачанин.
Таа посочи дека модифицираниот француски предлог било побарано да биде ставен на пленарна седница и за него да расправаат пратениците и да бидат изгласани заклучоци.
-Наш предлог е Владата самата да не ја носи одлуката, туку тоа да му го препушти на Собранието на Македонија и пратениците да можат да дискутираат и да предложат заклучоци, вели Морачанин.

Од Демократски сојуз велат дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа.

-Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија. Посебно нагласуваме дека не смеат да се прифатат разговори за македонските револуционери кои се во кодот на секој Македонец, како што се Гоце Делчев, Јане Сандански, Дамјан Груев и други револуционери. Да се прекинат било какви дискусии за заедничко славење на македонските национални празници, Илинден, велат од партијата на Трајанов.

Францускиот предлог за деблокада на македонските интеграции во ЕУ, интегрално преведен на македонски јазик, од вчера е објавен на официјалната веб страница на Владата со цел транспарентно информирање на јавноста.

Слични содржини