„Продолжувањето на извозот на жито од Украина е прашање на живот или смрт“

од Stefanija Kuzmanovska

Прашањето за извоз на жито од Украина е прашање на „живот или смрт“ и се надеваме дека оваа недела ќе биде постигнат договор за деблокирање на пристаништето Одеса, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Животите на десетици илјади луѓе зависат од тој договор“, за кој преговараа Русија, Украина, Турција и Обединетите нации, рече Борел по пристигнувањето во Брисел на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ посветен на војната во Украина.

Договорот треба да обезбеди транспорт преку Црното Море на околу 20 милиони тони жито блокирано во украинските силоси поради руската агресија врз таа земја.

Исто така, треба да го олесни извозот на руски житарки и ѓубрива погодени од западните санкции наметнати против руските логистички и финансиски синџири.

Русија најави дека финалниот документ ќе биде усогласен на состанокот оваа недела во Турција.

Слични содржини