Проф. Ѓорѓиев се повлече од историската Комисија: „Функционер на МНР се вмешал во работата“

од Nikola Popovski

Професорот Ванчо Ѓорѓиев, кој е член на мешовитата историска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија, се повлече од функцијата.

Според него, имашло отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата, што кулминирало преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

-При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година, вели Ѓорѓиев.

Тој нагласува дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без негова согласност.

-Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси.

Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“, стои во соопштението на Ѓорѓиев доставено до медиумите.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи го потврди повлекувањето на професорот од Комисијата, но не даде повеќе детали со наводите за притисоци од ресорното министерствот.

Слични содржини