Проф.Неновски: Вакцинирањето ќе го зголеми оптимизмот кај стопанствениците, но доколку не се стабилизира здравствената криза, состојбите ќе се влошат

од Vladimir Zorba

За професорот Томе Неновски почетокот на вакцинацијата е позитивен сигнал и  пред се причина за оптимизам кај  стопанствениците и воопшто кај цекокупното население.

„Постепеното намалување на здравствената неизвесност и стравот за тоа што може да се очекува во блиска иднина на „заразно-вирусен план“, би требало постепено да ја засили и активноста на економските субјекти на планот на потрошувачката како замаец на прозводствените/услужните дејности на стопанството“, вели Неновски во интервју за „Локално“.

Внимателен во проценките сепак предупредува дека состојбите во економијата можат дополнително да се влошат доколку не се стабилизира здравствената криза.

Коментирајќи го  зголемувањето на задолжувањето на државата како круцијален проблем го посочува фактот дека парите обезбедени на овој начин не се користат за реализирање на капиталните инвестиции.

„Незначителниот износ на домашни капитални инвестиции има негативен одраз кај странските инвеститори кои се помалку вложуваат во Македонија затоа што сметаат дека, ако домашните инвестиции не се или се малку присутни во економијата, тоа значи и дека домашните власти немаат доверба во сопствената економија, па зошто тогаш тие би имале мотив за вложување во нашата држава“ , вели Неновски.

Најавите дека во средина на летото може да дојде со повисоки цени на увозните производи, според него може да предизвикаат пораст на домашната инфлација.

„Сепак, мислам дека НБРМ има силни инструменти со кои би можела да ги амортизира евентуалните такви неповолни движења и состојби“, заклучува Неновски.

Вакцинацијата за македонските граѓани, главно стопанственици, која изминатиов викенд почна во Србија, донесе одреден степен на оптимизам за општата ситуација и неизвесноста во која работат, а дел од нив и преживуваат. Имате ли чуство дека вакцините ќе ги придвижат работите во позитивна насока?

Секако дека почетокот на вакцинирањето ќе го зголеми оптимизмот кај стопанствениците, но и кај целокупното население во Македонија. Тој здравствен процес, постепено, би требало да ја намалува неизвесноста кај економските субјекти во однос на очекуваните остварувања во областа на економијата. Засилувањето на здравстевената сигурност ќе овозможи значаен дел од стопанските субјекти да се вратат на претходниот колосек на реализирање на нивните секојдневни производствени/услужни активности, особено со намалување на потребата значаен дел од вработените присилно да отсуствуваат или, дури, и да бидат “бркани“ од работа, што има неповолно влијание и врз обемот, но и врз продуктивноста во производствените/услужните активности на претпријатијата. Истовремено, постепеното намалување на здравствената неизвесност и стравот за тоа што може да се очекува во блиска иднина на “заразно-вирусен план“, би требало постепено да ја засили и активноста на економските субјекти на планот на потрошувачката како замаец на прозводствените/услужните дејности на стопанството. Но, предвидувањата за стабилизирање и/или намалување на здравствената криза треба навистина да се реализираат во практика. Во спротивно (не дај Боже), состојбите во економијата можат дополнително да се влошат.

Само неколку дена по информацијата дека државата ќе се задолжи со еврообврзница 700 милиони евра, стигна уште една, задолжување од 37 милиони од СБ. Како го коментирате ова перманентно задолжување и зголемување на јавниот долг, во ситуација кога парите не се трошат за инвестиции и отворање на нови работни места?

-Задолжувањето (јавниот долг) на државата добива загрижувачки размери. Веќе се доближува до износ од 65% од бруто домашниот производ. Тоа не би било толку загрижувачки, доколку новите задолжувања се користат за продуктивни намени кои ќе значат зголемување на додадената вредност на економијата, односно на БДП. Меѓутоа, најголемиот дел од новите задолжувања, покрај за плаќање на довтасани рати за отплата на претходно земени заеми во странство, одат за (делумно) покривање на социјалните последици од здравствено-економската криза и за разни други непродуктивни цели кои, често, се појавуваат и во облик на бизарни (сосема непотребни) набавки на одредени стоки и услуги. Капиталните инвестиции, ни оддалеку, не се реализираат во планираниtе обем и динамика, што значи дека тој силен поттикнувач на економскиот развој (т.н. “кичмен столб“ на развојот) како воопшто да не е присутен, што, секако, има неповолни влијанија врз отворањето нови капитално-производствени објекти (кои би апсорбирале значаен број нововработени), со продолжено негативно дејство врз буџетските приходи итн. Истовремено, незначителниот износ на домашни капитални инвестиции има негативен одраз кај странските инвеститори кои, с’е помалку, вложуваат во Македонија, затоа што сметаат дека, ако домашните инвестиции не се или се малку присутни во економијата, тоа значи и дека домашните власти немаат доверба во сопствената економија, па зошто тогаш тие би имале мотив за вложување во нашата држава. Според тоа, ако продолжи практиката зголеменото задолжување спрема странство, во најголем дел, да има непродуктивен карактер, тоа на среден и долг рок може да биде погубно за економијата и за идните генерации на кои што ќе падне обврската да го отплаќаат тој долг кој, полека но сигирно, ја внесува Македонија во групата на високозадолжени земји.

По рецесијата во која се најде Македонија, илјадници изгубени работни места, 5 пакет мерки за спас на стопанството, што уште ќе ја снајде македонската економија додека пандемијата не заврши? Дали инфлацијата и зголемените цени на маслото, месото…се почеток на синџирот поскапувања кој не очекува?

– Зголемувањето на цените на некои производи може да биде резултат од зголемените влезни трошоци (инпути, домашни и/или увозни) во нивното прозводство. Меѓутоа, тоа не е појавувачка појава кај најголемиот дел од производите и услугите кои ја сочинуваат т.н. потрошувачка кошничка преку чиј индекс се мери стапката на инфлација во земјата. Според тоа, зголемувањето на цените на неколку производи не може да биде индикатор или сиглал за појавувачка висока стапка на инфлација. Освен тоа, мислам дека Народна банка на Македонија будно (секојдневно) ја следи инфлацијата и ги презема соодветните мерки што ‘и се на располагање за остварување на нејзината основна цел – одржување стабилност на цените.

Од друга страна, треба да се очекува пораст на стапката на инфлација на светско ниво како резултат на зголемените парични приливи во економиите на повеќето земји во светот со цел неутрализирање на последиците од здравствено-економската криза која го зафати поголемиот дел од светот. Ако до тоа дојде (има најави дека тоа би можело да се случи во средината на летото годинава), тогаш нема да биде изненадувачки ако т.н. увозна инфлација (повисоки цени на увозните производи), предизвика одреден пораст и на домашната инфлација. Сепак, мислам дека НБРМ има силни инструменти со кои би можела да ги амортизира евентуалните такви неповолни движења и состојби.

Оваа 2021 година Владата ја нарече година на економски рестарт, со раст од4 отсто. Многу од економските експерти пак апелираа дека е време поголемо внимание да се обрне на периодот по пандемијата. Што мислите каде треба да се насочат „силите“ за раст и развој на економијата? Како да се „спасат“ тесктилната индустрија, туризмот, угостителството…

-Планираната стапка на пораст на БДП од 4% во 2021 година не може да ја оправда квалификацијата дека “оваа година е година на економски раст“. Причината е едноставна. Прво, таа стапка се пресметува на основица (2020) која е за 4,5% пониска од нејзината споредбена основица во 2019 година. Тоа значи дека, со евентуално остварување на стапка на пораст на БДП од 4% во текот на оваа година, економијата треба да надомести најголем дел од нејзиното намалување во 2020 година, а, со примена на едноставни математичко-статистички пресметки, може да се дојде до податокот дека со таква стапка на пораст економијата во 2021 година ќе се сведе на ниво од 99,5% од нејзиното ниво во 2019 година.

Второ, уште сега може да се оцени дека планираната стапка на пораст на БДП од 4% е тешко остварлива во услови на натамошно присуство на здравстевно – економска криза во земјата, особено во услови кога во земјата се засилува т.н. трет бран на вирусната зараза со сите познати негативни ефекти врз економијата. Поради тоа, имајќи ги предвид тековните активности околу ваксинација на населението и подобрување на здравствената состојба во земјата, првите позитивни ефекти во развојот на економијата би можеле да се очекуваат во средината на следната есен. Остатокот од годината ќе биде прекраток период за да се случи нешто драматично во економијата, имајќи го предвид фактот дека во тие денови ќе се одржат локалните избори кои, како и секои други избори, имаат забавувачки ефект врз економијата.

Трето, правилно се лоцирани најранливите области во македонската економија во услови на здравствено-економска криза: текстилна индустрија, туризам, угостителство…Со оглед на продолженото дејство на кризата, тие области и натаму ќе се соочуваат со опаѓачки трендови во нивното работење поради нивните драстично намалени производство, извоз и  промет. Голем дел од т.н. пет пакети мерки е предвиден за санирање на загубите во тие области. Меѓутоа, според изјавите на официјални лица на Владата, тие средства од претходните пакет-мерки не пристигнале во целиот износ кај наведените економски области. Освен тоа, исплатата на буџетски средства на сметките на претпријатијата, место директно на сметките на (не)вработените за кои беа наменети тие средства, во голема мера ја девалвира вредноста на некои од тие мерки. Поради тоа, со навремена (што побрза) исплата на наменски одвоените буџтски средства, со правилан оценка (анализа) на потребите на одделните претпријатија и со засилена контрола на насочувањето и користењето на средствата од т.н. петти пакет мерки (и дореализирањето на остатокот од претходните пакет – мерки), властите треба да ја спречат злоупотребата  на тие средства и на тој начин да влијаат врз подобрувањето на “крвната слика“ на тие ослабени економски организми, што ќе придонесе за нивно поактивно вклучување во опоравувањето на економијата и за нејзино постепено излегување од темниот тунел во кои се наоѓаат тие и поголем дел од остатокот на економските субјекти.

Најновите податоци говорат дека лани се затвориле околу 3.000 фирми. Ако до пред само една година се бараа и нудеа консултатнти за развој на стопански дејности, сега се бараат консултанти за преживување. Дали нашите фирми имаат волја и средства да се преструктуираат?

-Во македонските фирми има стручен и силно амбициозен кадар, исполнет со доволна доза на знаење, умеење, па и храброст и кој, се разбира, има соодветна волја да отвора нови и/или да ги засили постојните економски активности. Меѓутоа, сето тоа е недоволно во отсуство, барем, на два фактора:

Прво, тоа е недоволноста на средства. Претходно акумулираните сопствените средства тие, во голема мера, ги потрошија или ги трошат за санирање на последиците од здравствено-економската криза или, пак, дел чуваат за идни (не дај Боже) кризни ситуации. Поради тоа, тие се воздржуваат од поголеми и/или позначајни инвестициски активности. Во таква ситуација, повеќе фирми се насочуваат кон банкарските кредити, кои, постепено како да ја намалуваат својата цена (каматна стапка), како резултат на намалувачката референтна каматна стапка на Народна банка. Но, претпријатијата и таму не наидуваат на лесно слободен влез кај банките со оглед на засилената претпазливост на банките во поглед на сигурноста на пласирањето на средствата со кои тие располагаат.

Второ, фирмите (како и граѓаните) во овој период се воздржуваат од поинтензивно користење на своите и/или на позајмените средства со оглед на неизвесноста која е присутна во целината на општеството со оглед на присутноста на здравствено-економската криза и неизвесноста која се надвиснала врз иднината на земјата во целина. А, (не)извесноста е еден од најзначајните фактори кои ги определуваат обемот и динмамиката на инвестициските активности на деловните субјекти.

Бројките покажаа дека и во пандемиската 2020 година банките „набилдаа“ профит, повисок од остварениот во 2019 година. Во обид да излезат во пресрет на граѓаните кои имаат кредити, банките го одложија плаќањето на ратите но не се откажаа од каматите. Дали можеа поинаку и повеќе да излезат во пресрет на задолжените граѓани?

-Банките се приватни акционерски друштва чии главни цели се максимализација на добивката и зголемување на вредноста на банката. Тоа значи дека во секоја своја активност тие гледаат зголемување на тие големини. Оттаму, не може да се очекува дека банките ќе прават некои големи отстапки или олеснувања за граѓаните кои би го загрозиле остварувањето на наведените цели.

Сепак, имајќи ги предвид вкупните нарушени состојби во економијата и загрозениот егзистенцијален минимум на поголем број од граѓените, банките би можеле, во одредена мера, да га намалат провизиите кои ги наплаќаат за своите услуги. Тоа, дотолку повеќе, што провизиите учествуваат со околу 40-45% во остварените добивки на банките. На тој начин, тие би ја задржале лојалноста на своите комитенти која, дополнително, би можека да им се врати со последователно остварување добивки во следните години.

Постојат, исто така, одредени можности за намалување на активните каматни стапки на банките (каматни стапки на кредитите) со оглед на високата каматна маргина (разлика меѓу активни и пасивни каматни стапки) што тие ја остваруваат. Тоа ќе има позитивен ефект врз каматните трошоци на граѓаните. Од друга страна, со засилување на иновативноста, економијата на обем и на економијата на опфат на понудени прозводи, банките  би можеле да ја задржат, па дури, во одреден обем, и да ја зголемат својата профитабилност.

К.В.С.

Слични содржини